Битие (1 Moj.) 48:16-22 MKB

16 ангелот, кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови децава! Преку нив, нека се спомнува моето име и името на моите предци Авраам и Исак! Да се размножат на земјата во многубројни мноштва!”

17 Кога Јосиф виде дека неговиот татко ја стави десницата врз Ефремовата глава, не му беше мило; затоа посегна по раката на татка си да ја премести од Ефремовата глава врз Манасиевата глава.

18 „Не, така, татко мој - му рече Јосиф на татка си - зашто овој е првенец; затоа возложи ја десницата на неговата глава!”

19 Но неговиот татко го одби, велејќи: „Јас знам сине мој, знам; и од него ќе стане народ и ќе биде голем. Но неговиот помлад брат ќе биде поголем од него, од него ќе произлезе многуброен народ.”

20 И ги благослови во тој ден, зборувајќи: „Израел ќе биде благословуван преку вас, велејќи: ‘Бог нека ти направи и тебе, како на Ефрема и Манасија!’” Така го стави Ефрема пред Манасија.

21 Потоа Израел му рече на Јосифа: „Еве, јас ќе умрам скоро; но Бог ќе биде со вас и пак ќе ве врати во земјата на вашите татковци.

22 А тебе ти оставам дел повеќе отколку на браќата твои, што го освоив, со мојот меч и лак, од Аморејците.”