11 Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!” Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан.
12 Јакововите синови направија како што им нареди таткото:
13 го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување.
14 Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му.
15 Кога Јосифовите браќа видоа дека почина татко им, рекоа: „Што! ако е Јосиф лут на нас и ако се обиде да ни врати за сето зло што му го направивме?”
16 Затоа му порачаа на Јосифа: „Пред својата смрт татко ти порача:
17 ‘Речете му вака на Јосифа: „Прости им ги на своите браќа злото и гревот, зашто постапија толку сурово кон тебе.”‘ И така, прости им ја навредата на слугите на Бога на твојот татко!” На тие зборови Јосиф се расплака.