Битие (1 Moj.) 50:4-10 MKB

4 А кога помина времето на жалост, Јосиф им рече на фараоновите придворници: „Ако имате пријателство кон мене, пренесете го ова во ушите на фараонот:

5 мојот татко ме заколна велејќи: ‘Кога ќе починам, погреби ме во гробот што си го приготвив во Ханаанската Земја!’ Дозволи ми да одам горе и да го погребам таткото, а тогаш ќе се вратам.”

6 Фараонот одговори: „Оди горе и погреби го својот татко како што те заколна.”

7 Така Јосиф отиде да го погребе таткото. Со него тргнаа и сите фараонови службеници - старешините на неговиот дворец и сите достоинственици на Египетската Земја;

8 целото Јосифово семејство, неговите браќа и татковото семејство. Единствено нивните деца, нивните овци и говедата останаа во Гесенската Земја.

9 Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка.

10 Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си.