Еремија 11:8-14 MKB

8 Но тие не слушаа и не го приклонија своето уво, туку се поведоа по закоравеноста на своето срце. Затоа дозволив да се исполнат на нив сите зборови на овој Завет, за кого им заповедав да се придржуваат за него, но тие не се придржуваа за него.’”

9 И Господ ми рече: „Заверата е меѓу Јудејците и Ерусалимците.

10 Се вратија кон беззаконијата на своите татковци, кои се оглушија на Моите зборови, па трчаа по туѓите богови, за да им служат. Израелевиот дом и Јудиниот дом го прекршија Мојот Завет, што го склучив со нивните татковци.”

11 Затоа Господ зборува вака: „Еве, ќе доведам врз нив зло на кое не ќе му избегаат; ќе викаат кон Мене, но Јас нема да ги слушам.

12 Тогаш јудејските градови и ерусалимските жители нека викаат кон боговите на кои им кадат, но тие нема да им помогнат во време на неволја!

13 Зашто имаш, о Јудејо, богови колку и градови! И колку што има улици во Ерусалим, толку жртвеници подигнавте за да му кадите на Ваала.

14 И така, ти не моли милост за тој народ, не дигај го гласот за нив и не моли, зашто нема да ги послушам кога ќе Ме повикаат во својата неволја.