1 Слово што Господ му го упати на Еремија кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, и сета негова војска, и сите царства под негова власт, и сите народи нападнаа на Ерусалим и на сите негови градови:
2 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди и зборувај со Седекија, јудејскиот цар, и речи му: „Господ зборува вака: ‘Еве, го предавам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го изгори тој со оган.
3 Ни ти нема да и избегаш на неговата рака. Да, ќе бидеш фатен и ќе те предадат во неговите раце: очи во очи ќе го гледаш вавилонскиот цар, уста во уста тој ќе зборува со тебе, и ќе бидеш одведен во Вавилон.’”‘
4 Но чуј го Господовото слово, Седекија, јудејски цару! Господ ти го порачува ова: ‘Не ќе загинеш од меч,
5 ќе умреш во мир! И како што твоите татковци, твоите претходни цареви, ги покадија, и тебе ќе те покадат и ќе тажат по тебе: „Леле, Господару!”‘ Јас ти го зборувам тоа” - говори Господ.
6 И пророкот Еремија му ги предаде сите овие зборови на Седекија, јудејскиот цар во Ерусалим,
7 додека војската на вавилонскиот цар напаѓаше на Ерусалим и на останатите Јудини градови - на Лахис и на Азика, зашто само тие останаа од утврдените јудејски градови.
8 Словото што Господ му го упати на Еремија, откако царот Седекија склучи сојуз со сиот ерусалимски народ за да им прогласи слобода,
9 така што секој да го пушти на слобода својот роб, Евреин и својата робинка, Еврејка, та веќе кај никого да нема Евреин, негов брат, како роб.
10 И сите првенци и сиот народ што влегоа во овој сојуз се согласија та секој ги пушти на слобода својот роб и својата робинка за да не им робуваат веќе. И така, се согласија и ги пуштија.
11 А потоа се завртија и ги зедоа пак своите робови и робинки, што ги беа ослободиле, па ги присилија пак да им робуваат.
12 Тогаш Господ му упати слово на Еремија, зборувајќи:
13 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас склучив Завет со вашите татковци во денот кога ги изведов од Египет, од земјата на ропството, говорејќи:
14 „По седум години секој од вас нека го пушти на слобода својот брат Евреин, кој што му се продал и му служел шест години како роб.” Ама вашите татковци не Ме послушаа и не сакаа да Ме чујат.
15 А вие се обративте и направивте што е право во Моите очи, прогласувајќи ја слободата за секој свој ближен, и пред Мене склучивте сојуз во Домот што се вика со Моето Име.
16 А потоа се завртивте и го обесветивте Моето Име, зашто секој од вас пак го зеде својот роб и робинката, што веќе ги бевте ослободиле, и повторно ги присиливте да ви робуваат.’
17 Затоа вака зборува Господ: ‘Вие не Ме послушавте за да му прогласите слобода на својот собрат и на ближниот. И затоа, еве, Јас им прогласувам против вас слобода - говори Господ - на мечот, на поморот и на гладот, и ќе ве направам страшило за сите царства на земјата.
18 А со луѓето што го раскинаа Мојот Завет и не го исполнија Заветот ветен пред Моето лице, ќе постапам како со телето што го пресеков надве та поминаа меѓу тие две половини.
19 Кнезовите на Јудеја и на Ерусалим, дворјаните, свештениците и сиот народ на земјата што поминаа меѓу половините на телето
20 ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, а нивните трупови ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови.
21 Седекија, јудејскиот цар, и неговите кнезови ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, и во рацете на војската на вавилонскиот цар, што се повлече од вас.
22 Еве, Јас ќе им заповедам - говори Господ - и ќе ги вратам против овој град, и ќе нападнат на него, ќе го освојат и ќе го изгорат со оган. А јудејските градови ќе ги претворам во ненаселена пустина.’”