Еремија 14 MKB

1 Господовото слово на Еремија за големата суша:

2 „Јудеја рида во тага и гинат нејзините градови, мрачно лежат на земјата, викот на Ерусалим се издига до небото.

3 Првенците испраќаат слуги по вода: доаѓаат до кладенците, ама не наоѓаат вода, се враќаат со празни врчви, посрамени, засрамени, ја покрија својата глава.

4 Земјата сета испука зашто нема дожд. Земјоделците се засрамија, ги покрија главите.

5 Па и срната во полето го остава младото зашто нема трева.

6 Дивите ослиња, стоејќи на голините, збиваат како шакал, очите им се изнемоштени зашто нема трева.”

7 Нашите беззаконија сведочат против нас, смилувај се, о Господи, заради Своето Име! Зашто отпаднавме од Тебе, згрешивме против Тебе.

8 О Израелева Надеж, негов Спасител во деновите на неволја! Зошто си како странец во оваа земја, како патник што се навратил за да преноќува?

9 Зошто си како исплашен човек, како јунак што не може да помогне, ние се викаме со Твоето Име - немој да нè оставиш!

10 Господ зборува вака за овој народ: „Да, тие сакаат да скитаат и не си ги штедат нозете, и затоа Господ не ги сака. И сега си спомнува за нивните беззаконија и ги казнува нивните гревови.”

11 И Господ ми рече: „Не барај милост за овој народ.

12 Ако и да постат, нема да ги послушам нивните молења и коленичења. Ако и да принесат паленици и принос, не ќе ми замилеат. Зашто со меч, со глад и со помор Јас ќе ги затрам.”

13 Тогаш реков: „Ах, Господи, Боже! Ене, пророците им зборуваат: ‘Нема да видите меч, ниту ќе има глад во вас, туку ќе ви дадам постојан мир во ова место.’”

14 А Господ ми рече: „Тие пророци пророкуваат лага во Мое Име; ниту ги испратив, ниту им дадов некаков налог - Јас и не им зборував. Тие ви пророкуваат лажни виденија, празни гатања и соништа на своето срце.

15 Затоа Господ зборува вака: ‘Тие пророци што пророкуваат во Мое Име, а Јас не ги испратив, па зборуваат дека ќе нема ни меч ни глад во оваа земја, самите ќе загинат од меч и од глад.

16 А овој народ, кому му пророкуваат, ќе лежи по ерусалимските улици, покосен од меч и од глад, и не ќе има човек за да ги закопа: нив, нивните жени, синовите и ќерките нивни. Така ќе го излеам врз нив нивното зло.’

17 А ти речи им вака: ‘Моите очи нека ронат солзи дење и ноќе, и нека не престанат, зашто е поразена страшно девицата, ќерката на мојот народ, со необично лута рана.

18 Ако отидам во полето, еве истепани со меч! Ако се вратам во градот, еве ги изнемоштените од глад! Па и пророците и свештениците заминаа во земја непозната.’”

19 Та зар сосем ја отфрли Јудеја? Зар Сион и се замрази на Твојата душа? Зошто нè биеш така та веќе ни лек нема? Се надевавме на мир, но нема добро, го чекавме времето на оздравувањето, ама еве го ужасот!

20 О Господи, ја признавме својата безбожност, беззаконијата на своите татковци; навистина, Тебе Ти согрешивме!

21 Не отфрлај нè, заради Своето Име, не срами го престолот на Својата Слава, спомни си и не го раскинувај Својот Завет со нас!

22 Зар безбожничката суета дава дожд? Или зар небесата сами врнат? Зар не го даваш Ти тоа, Господи, Боже наш? Затоа се надеваме во Тебе, зашто Ти го правиш сè тоа.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52