1 О, кој би ја претворил мојата глава во воден извор, а моите очи во вруток солзи, дење и ноќе да плачам над загинатите свои ќерки, на својот народ!
2 Ако имав престојувалиште во пустината, ќе го оставев својот народ и ќе отидев далеку од него. Зашто сите тие се прељубници, собир на вероломство.
3 „Јазикот го напнуваат како лак, лагата, а не вистината, преовладува на земјата. Од зло кон зло се втурнуваат, Мене не Ме познаваат - зборува Господ.
4 Секој нека се чува од пријателот, а брат на братот нека не му верува, зашто секој брат постапува како Јакова, а секој пријател разнесува клевети.
5 Се измамуваат еден другиот, не ја зборуваат вистината, го свикнаа јазикот да зборува лаги; изопачени се, не можат веќе
6 да се вратат. Насилство врз насилство! Измама по измама! Не сакаат да Ме сознаат Мене,” зборува Господ.
7 Затоа вака зборува Господ над Воинствата: „Еве, ќе ги претопам и ќе ги испитам, та како и да постапуваат кон ќерките на мојот народ?
8 Јазикот им е убиствена стрела, на устата измамлив збор. ‘Мир со тебе,’ го поздравуваат ближниот, ама во срцето му подготвуваат стапица.
9 Па да не ги казнам заради тоа - говори Господ - да не му се одмаздам на таквиот народ?”
10 Заплачете, тажете над ридовите, ридајте над пустинските пасишта! Зашто изгореа, никој не минува, гласот на стадото веќе не се слуша. Од небесната птица до добитокот, сè избега, сè снема.
11 „Од Ерусалим ќе направам куп камчишта, шакалско живеалиште, јудејските градови ќе ги претворам во пустина каде што никој не живее.”
12 Кој е мудар, за да го разбере тоа, кому му зборуваше Господовата уста за да извести зошто изгоре земјата како пустина, и никој веќе не минува низ неа?
13 И Господ рече: „Зашто го оставија Мојот Закон што им го дадов и зашто не го слушаа Мојот глас, ниту го следеа,
14 туку ги следеа своето закоравено срце и Ваалите на кои нивните татковци ги научија.”
15 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе го наранам овој народ со пелин и ќе го напојам со горчлива вода.
16 И ќе ги распрснам меѓу народите кои не ги познаваа тие ни нивните татковци. А по нив ќе испратам меч, за да ги сотре.”
17 Господ над Воинствата зборува вака: „Внимавајте! Повикајте ги тажачките! Нека дојдат! Испратете по највештите! Нека дојдат!
18 Нека поитаат за да го запеат тажењето над нас! За да потечат солзи од нашите очи, за да потече вода од нашите клепки!
19 Од Сион достига тажењето: ‘О, како сме упропастени, многу засрамени! Зашто треба да ја оставиме земјата и да ги оставиме своите живеалишта.’”
20 И затоа, о жени, чујте го Господовото слово, и нека вашето уво го прими зборот од Неговата уста. Учете ги своите ќерки да тажат, да ридаат една за друга:
21 Смртта влезе скришум низ нашите прозорци, влезе во нашите дворови, ги покоси децата среде улицата, младите среде раскрсниците.
22 Зборувај, вака вели Господ: „И мртвите тела ќе лежат како гној по ораниците, како снопје зад жетварите, а ќе нема никој да ги собере.”
23 Господ зборува вака: „Мудрите нека не се фалат со мудроста, ни јунакот нека не се фали со смелоста, ни богатиот нека не се фали со богатството.
24 А кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене. Зашто Јас Сум Господ Кој ги твори милостта, судот и правдата на земјата, зашто тоа Ми е мило,” зборува Господ.
25 „Еве, наближуваат денови - зборува Господ - ќе ги казнам сите кои се обрежани заедно со необрежаните:
26 Египет, Јудеја, Едом, Амоновите синови и Моав, и сите оние што ги бричат крајните коси и кои престојуваат во пустината. Зашто сите тие народи се необрежани, и сиот Израелев дом е со необрежано срце.”