1 Во четвртата година на Јоаким, јудејскиот цар, Господ му го упати оваа слово на Еремија:
2 „Земи книжен свиток и запиши ги на него сите зборови што ти ги реков за Израел, за Јудеја и за сите народи, од денот кога почнав да ти зборувам, од деновите Јосиини до денешниот ден.
3 Можеби Јудиниот дом ќе чуе за сите несреќи што ги наумив да ги оборам врз нив, та ќе се врати секој од својот лош пат, и Јас ќе им ги простам вината и гревот нивни.”
4 Тогаш Еремија го повика Варуха, синот Нириин, и Варух ги напиша на книжен свиток, според Еремииното кажување, сите зборови што му ги објави Господ.
5 Тогаш Еремија му нареди на Варуха: „Мене не ми е слободно, та не можам да појдам во Господовиот Дом.
6 Оди ти та на денот на постот во Господовиот Дом читај му ги на народот Господовите зборови од книжниот свиток што го напиша според мое кажување. Прочитај им ги и на сите Јудејци кои што дојдоа од своите градови.
7 Можеби нивните покорни молења ќе се издигнат кон Господа, и можеби ќе се одврати секој од својот лош пат; зашто е голем бесот и срдењето со кои Господ му се заканува на овој народ.”
8 И Варух, синот Нириин, направи сè како што пророкот Еремија му беше заповедал за да ги прочита Господовите зборови во Господовиот Дом.
9 Во петтата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар, во деветтиот месец, го повикаа на пост пред Господа сиот ерусалимски народ и сиот народ што можеше да стигне од јудејските градови во Ерусалим.
10 Варух му ги прочита од книжниот свиток Еремиините зборови на сиот народ во Господовиот Дом, во дворницата на Гемариј, синот на писарот Сафан, во горното преддворје пред Новата Врата на Господовиот Дом.
11 А кога Михеј, синот на Сафановиот син Гемариј, ги чу сите Господови зборови, напишани во книжниот свиток,
12 слезе во царскиот дворец во собата на писарот, каде што токму седеа сите достоинственици: писарот Елисам, Делај, синот Семаин, Елнатан, синот Ахворов, Гемариј, синот Сафанов, Седекиј, синот Ананиин, и сите други достоинственици.
13 Михеј им ги кажа сите зборови што ги беше чул кога Варух му ги читаше на народот од книжниот свиток.
14 Тогаш сите кнезови ги испратија Јудиј, синот Натаниин, и Селемиј, синот Хусиев, кај Варуха да му речат: „Земи го во раката книжниот свиток од кој што му читаше на народот и дојди!” Тогаш Варух, синот Нириин, го зеде книжниот свиток во раката и дојде кај нив.
15 Тие му рекоа: „Ајде, седни и прочитај ни.” И Варух им прочита.
16 Кога ги чуја сите оние зборови, се погледаа исплашено и му рекоа на Варуха: „Треба сè тоа да му го кажеме на царот.”
17 И го прашаа Варуха: „Ајде, објасни ни како ти ги напиша сите тие зборови.”
18 Варух им рече: „Еремија ми ги кажуваше сите тие зборови, а јас со црнило ги запишав во книжниот свиток.”
19 Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: „Оди, и скриј се, ти и Еремија; никој да не знае каде сте.”
20 И, откако го оставија книжниот свиток во дворницата на писарот Елисам, отидоа кај царот во преддворјето на дворецот и му раскажаа за сè.
21 Царот го испрати Јудиј да го донесе книжниот свиток: тој го донесе од собата на писарот Елисам и им го прочита на царот и на кнезовите, кои стоеја околу него.
22 Царот седеше во зимскиот дворец - тоа беше во деветтиот месец - а пред него стоеше разгорена жар.
23 И кога Јудиј би прочитал три-четири столпчиња, царот ги пресекуваше со писарско пероножче, и ги фрлаше во огнот на жарта сè додека целиот книжен свиток не беше уништен во огнот на жарта.
24 Ни царот ни неговите слуги не се исплашија, ниту ги раскинаа облеките кога ги чуја тие зборови,
25 па сепак Елнатан, Делај и Гемариј го молеа царот да не го спалува книжниот свиток, ама тој не ги послуша.
26 Тогаш царот им заповеда на царевиот син Ерамеил и на Серај, синот Азрилов, и на Селемиј, синот Авдилов, да ги фатат писарот Варух и пророкот Еремија. Но Господ ги беше скрил.
27 И така, откако царот го изгоре книжниот свиток со зборовите што Варух ги имаше напишано според Еремииното кажување, му дојде Господовото слово на Еремија:
28 „Земи друг книжен свиток и запиши ги во него сите оние зборови што беа на првиот книжен свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре.
29 А против Јоакима, јудејскиот цар речи вака: ‘Господ зборува вака: „Го изгоре книжниот свиток зборувајќи: ‘Зошто во него напиша дека ќе дојде вавилонскиот цар, кој ќе ја запусти оваа земја и ќе ги истреби луѓето и добитокот?’”
30 Затоа вака зборува Господ против Јоакима, јудејскиот цар: „Тој не ќе има потомок за да седне на Давидовиот престол, а неговото мртво тело ќе биде фрлено дење на припек и на ноќен мраз.
31 Ќе ги казнам: него, и неговото потомство, и неговите слуги заради нивното беззаконие, и ќе дотерам на Ерусалимците и на Јудејците - сето зло со кое им се заканував, а не Ме слушаа.”‘“
32 Тогаш Еремија зеде втор книжен свиток, му го даде на писарот Варух, синот Нириин, и тој по кажувањето на Еремија ги запиша сите зборови на книжниот свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре во жарта. И кон нив беа допишани уште многу онакви зборови.