Еремија 26 MKB

1 Во почетокот на царувањето на Јоаким, синот Јосиин, Јудиниот цар, ми дојде Господовото слово:

2 „Господ зборува вака: ‘Застани во дворот на Господовиот Дом, и - на сите јудејски градови што доаѓаат да се поклонат во Господовиот Дом - проповедај му ги сите зборови што ти заповедав да им ги кажеш. И не изоставувај ни еден единствен.

3 Можеби ќе послушаат и ќе се врати секој од својот лош пат, па ќе се покајам за злото што намислив да го направам заради нивните зли дела.’

4 Речи им: ‘Господ зборува вака: „Ако не Ме послушате за да одите по Законот што го ставив пред вас,

5 слушајќи ги зборовите на Моите слуги, пророците, кои ви ги праќам неуморно, иако досега не ги слушавте,

6 ќе постапам со овој Дом како со Сило, и ќе направам овој град да биде проклетство за сите народи на земјата.”‘“

7 И свештениците и пророците и сиот народ го слушаа Еремија како ги проповеда тие зборови во Господовиот Дом.

8 А кога Еремија го изрече сè она што Господ му заповеда да му навести на сиот народ, свештениците и пророците го грабнаа, зборувајќи: „Ке платиш со главата!

9 Зашто пророкуваше во Господово Име: ‘Ќе постапам со овој Дом како со Сило, и овој град ќе биде запустен, та веќе никој не ќе живее во него!’” И сиот народ се собра против Еремија во Господовиот Дом.

10 Откако го чуја тоа, јудејските старешини дојдоа од царскиот дворец во Господовиот Дом, и седнаа пред Новата Врата на Господовиот Дом.

11 Тогаш свештениците и пророците им рекоа на старешините и на сиот народ: „Овој човек заслужува смрт, зашто пророкуваше против овој град, како што чувте со своите уши.”

12 Тогаш Еремија им рече на старешините и на сиот народ: „Господ ме испрати да пророкувам против овој Дом и овој град сè она што чувте.

13 Поправете ги, и така, своите патишта и дела, и слушајте го гласот на Господа, својот Бог: и ќе се покае за злото со кое што ви се закани.

14 Еве, јас сум во вашите раце. Направете со мене што ви се чини добро и право.

15 Но знајте добро: ако ме погубите, невина крв ќе возложите на себеси, врз овој град и врз неговите жители. Зашто, навистина, Господ ме испрати кај вас за да ги зборувам овие зборови во вашите уши.”

16 Тогаш старешините и сиот народ им рекоа на свештениците и пророците: „Овој човек воопшто не заслужува смрт, зашто ни зборуваше во Името на Господа, нашиот Бог.”

17 Тогаш станаа и некои од најугледните во земјата та му рекоа на сето мноштво народ што се собрал таму:

18 „Моресецот Михеј пророкуваше во деновите на Езекиј, јудејскиот цар, и му зборуваше на сиот јудејски народ: ‘Господ над Војските зборува вака: „Сион ќе биде преорано поле, Ерусалим урнатина, а Гората на овој Дом ќе ја прекрие шума.”‘

19 Дали затоа Езекиј, јудејскиот цар, и сета Јудеја го погубија? Не се ли исплашија од Господа и не настојуваа ли да го умилостиват Господа? И Господ го отстрани злото со кое што им се закани! А ние, зар да навлечеме врз нашите души толку голем злостор?”

20 Имаше таму уште некој што пророкуваше во Господово Име, Уриј, синот Семаин, родум од Киријат Јарим. И тој пророкуваше против овој град и оваа земја како и Еремија.

21 А кога царот Јоаким со сите воини и заповедници ги чу тие зборови, бараше да го погуби. Штом го чу тоа, Уриј се исплаши и избега во Египет.

22 Но царот Јоаким го испрати во Египет Елнатан, синот Ахоров, со неколку луѓе;

23 тие го доведоа Уриј од Египет и го одведоа кај царот Јоаким, кој го погуби со меч, а неговиот труп го фрли во гробиштата на простиот народ.

24 Но Ахикам, синот Сафанов, го заштити Еремија, та не го предадоа во рацете на народот за да го погубат.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52