Еремија 28 MKB

1 Во истата година, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар, во четвртата година, во петтиот месец, Ананиј, синот Азоров, пророк роден од Гаваон, ми рече во Господовиот Дом пред сите свештеници и пред сиот народ:

2 „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.

3 До две години ќе ги вратам на ова место сите садови на Господовиот Дом, што Навуходоносор, вавилонскиот цар, ги зеде оттука и ги однесе во Вавилон.

4 А исто и Јехониј, синот Јоакимов, јудејскиот цар, и сите јудејски заточеници, што стигнаа во Вавилон, исто така ќе ги вратам на ова место - говори Господ - зашто ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.’”

5 Тогаш пророкот Еремија му одговори на пророкот Ананиј пред свештениците и пред сиот народ кои беа во Господовиот Дом.

6 Пророкот Еремија рече: „Амин! Господ да направи така! Господ да ги исполни зборовите што ги пророкуваше, и да ги врати таму сите садови од Господовиот Дом и сите заточеници од Вавилон.

7 Меѓутоа, чуј го и ова слово што ќе го кажам во твоите уши и во ушите на сиот народ.

8 Пророците што беа пред мене и пред тебе, им пророкуваа од памтивек на многу силни земји и големи цареви војна, глад, помор.

9 Но за пророкот што пророкува мир можеш да знаеш дека навистина го испратил Господ откако ќе се исполни неговиот пророчки збор.”

10 Тогаш пророкот Ананиј го симна јаремот од вратот на пророкот Еремија и го скрши.

11 И Ананиј рече пред сиот народ: „Господ зборува вака: ‘Еве, вака - за две години - ќе го скршам јаремот на Навуходоносор, вавилонскиот цар, од вратот на сите народи!’” Тогаш пророкот Еремија отиде по својот пат.

12 А кога пророкот Ананиј го скрши јаремот од вратот на пророкот Еремија, му дојде Господово слово на Еремија:

13 „Оди и речи му вака на Ананиј: ‘Господ зборува вака: „Ти го скрши дрвениот јарем, но Јас ќе направам место него железен.”

14 Зашто вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Ќе ставам железен јарем околу вратот на сите оние народи, за да му ги покорам на Навуходоносор, вавилонскиот цар, и ќе му служат, зашто Јас му ги потчинив нему дури и полските ѕверови!”‘“

15 И пророкот Еремија му рече на Ананиј: „Чуј ме добро, Ананија! Господ не те испрати тебе, а ти разбуди во народот измамливи надежи.

16 Затоа Господ зборува вака: ‘Ете, те бришам од лицето на земјата! Ќе умреш уште во оваа година, зашто проповедаше побуна против Господа!’”

17 И пророкот Ананиј умре во таа година во седмиот месец.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52