Еремија 49 MKB

1 За Амоновите синови. Господ зборува вака: „Израел нема синови, нема наследник? Зошто Малхом го наследи Гад и неговиот народ се насели во неговите градови?

2 Затоа, еве, доаѓаат денови - говори Господ - и ќе направам да се чујат воени извици во Рава на Амоновите синови, и таа ќе биде ограбена грамада, а нејзините населби изгорени со оган. Тогаш Израел ќе ги ограби своите ограбувачи - зборува Господ.

3 Плачи, Есевоне, зашто Гај е запустен, викајте на помош равски ќерки. Препашете вреќиште, почнете тажачки, обиколувајте меѓу оградите. Зашто Малхом треба да оди на заточение, со свештениците и со кнезовите.

4 Зошто се фалиш со својата долина, одметничка ќерко, која што се надеваш во своето богатство и зборуваш: ‘Кој се осмелува да стане против мене?’

5 Еве, навалувам врз тебе страв отсекаде наоколу: ќе бидете распрснати, секој на своја страна, и никој не ќе ги собере бегалците.

6 Но тогаш пак ќе ја изменам несреќата на Амоновите синови - говори Господ.

7 За Едом. Вака зборува Господ над Војските: „Зар нема веќе мудрост во Теман, зар на разумните им го снема расудокот, зар изветреа нивната мудрост?

8 Бегајте, губете се и скријте се длабоко, жители на Дедан, зашто му носам пропаст на Исав, време на неговата казна.

9 Дојдат ли берачите кај тебе, ни доберок нема да остават; дојдат ли ноќните крадци, ќе ограбат сè што сакаат.

10 Зашто Јас Сум Оној што ќе го побарам Исава, и ќе му го откријам засолништето, за да не може да се скрие. Неговото племе е запустено: го нема веќе! Никој не вели:

11 ‘Остави ги своите сираци, јас ќе ги прехранам, и твоите вдовици нека се надеваат во мене!’”

12 Зашто вака зборува Господ: „Ете, оние кои што навистина не требаа да ја пијат чашата, треба да ја испијат до капка, и зар токму ти да останеш неказнет? Не, ти не ќе останеш неказнет, ќе треба да ја испиеш чашата!

13 Зашто Се заколнав Самиот во Себе - говори Господ: Восора ќе стане руг и срам, пустина и проклетство; а сите нејзини градови ќе бидат вечни урнатини.”

14 Господ ми упати вест, гласникот им беше испратен на народите: „Соберете се! Тргнете против неа, тргнете! Станете! Во бој!

15 Зашто, ете, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето.

16 Твојот страв те заведе, гордоста на твоето срце, ти, кој што живееш во камени пештери, и се придржуваш за високите планини, па виткаш гнездо врз каменливиот ридски венец, како орлите, оттаму ќе те симнам - говори Господ.

17 Едом ќе стане пустина, секој што ќе помине низ него, ќе се вчудоневиди и ќе свири со устата заради сите негови рани.

18 Ќе го разурнат како Содом и Гомор и нивните соседи - зборува Господ. Човек не ќе станува таму, човечки син не ќе престојува во него.

19 Ете, како лав тој излегува од јорданските грмушки на вечно зелени пасишта. Но ќе го истерам во миг, и ќе го сместам таму Својот избраник. Зашто кој Ми е рамен Мене? И кој ќе Ме повика на сметка? И кој пастир ќе Ми одолее?”

20 Затоа чујте што науми Господ да му направи на Едом, чујте што намислил против жителите на Теман: и најситните јагниња тој ќе ги одвлече, и самото нивно пасиште ќе се загрози над нив.

21 Од шумот на нивното паѓање земјата ќе се потресе, викотницата ќе се слуша до Црвеното Море!

22 Ете, како орел тој се дига и трепери, шири крилја над Восора. Во оној ден срцето на едомските јунаци ќе биде како срцето на жената во родилни болки.

23 За Дамаск: „Збунети се Емат и Арфад, зашто чуја лоша вест. Срцето им се стега од ужас и не може да се смири.

24 Дамаск е обесхрабрен, се даде во бегство, страв го опфати, го обзедоа тешкотии и болки како родилката.

25 Како? Славниот град е напуштен, градот на Мојата радост!

26 Затоа неговите младинци ќе испаѓаат по улиците, сите воини ќе загинат во оној ден - говори Господ над Воинствата.

27 Ќе ги запалам со оган ѕидовите на Дамаск: пламенот ќе ги голтне дворците Вен-Ададови.”

28 За Кадар и за асорските царства, што ги порази Навуходоносор, вавилонскиот цар. Господ зборува вака: „Станете, нафрлете се врз Кадар, уништете ги синовите на Исток!

29 Нека им бидат одземени шаторите и стадата, шаторските крила и сета опрема! Нека им бидат одведени камилите и нека викаат на нив: ‘Страв отсекаде!’

30 Бегајте со главата без обѕир, скријте се длабоко, жители на Асор - говори Господ. Зашто Навуходоносор, вавилонскиот цар, крои наум против вас, смислува напад:

31 Станете, удрете на мирниот народ што живее без страв - говори Господ - што нема ни врати ни лостови, што живее осамено!

32 Нивните камили ќе бидат плен, мноштво овци на ограбувачите! И ќе ги распрснам на сите страни, оние луѓе со избричени краеви на косата, и ќе доведам гибел врз нив отсекаде - говори Господ.

33 Асор ќе стане дувло на шакали и вечна пустина. Човек таму не ќе престојува, таму нема да се насели човечки син.”

34 Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија за Елам, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар.

35 Господ над Восјките зборува вака: „Еве, ги кршам Еламовиот лак, с’ржта на неговата сила.

36 Ќе дотерам четири ветра против Елам од четирите краишта на небото, и ќе ги распрснам Еламците во сите четири ветра, и не ќе има народ каде не ќе стигнат еламските бегалци.

37 Ќе им втерам страв во коските на Еламците пред нивните непријатели. Ќе пуштам несреќа на нив, огнот на Својот гнев - говори Господ. Ќе испратам меч по нив додека не бидат сосем уништени.

38 И ќе го поставам Својот престол во Елам, и ќе ги сотрам таму царот и сите кнезови - говори Господ.

39 Ама ќе ја изменам кобта на Елам”- говори Господ.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52