Еремија 6 MKB

1 „Бегајте, Венијаминови синови, од среде Ерусалим! Во Текуе затрубите во рог, на Вет Акерем издигнете бојно знаме! Зашто од Север се наднесе несреќа, голема пропаст.

2 Сионската ќерка е слична на убаво пасиште.

3 Кај неа доаѓаат пастирите со стадата. Насекаде околу неа оптегнаа шатори, секој пасе на својот дел.”

4 „Со неа зафатете свет бој! На нозе! Да нападнеме среде денот! Тешко ни, зашто денот навалува кон запад, а вечерните сенки се издолжуваат!

5 На нозе! Да нападнеме среде ноќта, да ги разурнеме нејзините дворови!”

6 Зашто Господ над Војските зборува вака: „Пресечете ги нејзините дрва, издигнете насип околу Ерусалим, тоа е град што е посетен, во него е сè само насилство.

7 Како што од кладенецот извира вода, така од него извира злото. Во него се слушаат само насилства и грабителство, пред Мене се секогаш болести и рани.

8 Поправи се, Ерусалиме, за да не Ми се одврати душата од тебе, за да не те претворам во пустина, во ненаселена земја.”

9 Господ над Воинствата зборува вака: „Доприбирај, доприбирај како лоза Израелев Остаток! Како берачите испружи ја раката меѓу прачките!

10 Кому треба да му зборувам, кого да го опоменам да ме послушаат? Ете, увото им е необрезано затоа не можат да чујат. Ете, Господовиот збор им стана потсмев, не им е мил.

11 Преполн сум со Господовиот гнев, не можам да издржам веќе! - И така, излеј го на децата по улиците и на собирите на младите. Сите ќе ги опфати, мажот и жената, старецот и човекот на зрело доба.

12 Нивните куќи ќе им припаднат на други, а така и полињата и нивните жени. Да, ќе ја протегнам Својата рака - говори Господ, на жителите на оваа земја,

13 зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници.

14 И лесно ја лечат раната на Мојот народ, викајќи: ‘Мир! Мир!’ Но нема мир.

15 Нека се засрамат што направија гнасост, но тие веќе не знаат што е срам, не умеат веќе да црвенеат. И затоа ќе испаѓаат со оние што паѓаат, ќе се срушат кога ќе почнам да казнувам - зборува Господ.

16 Господ зборува вака: „Застанете на патишта, распрашајте се за некогашните патеки: Кој пат води кон доброто? Тргнете по него и ќе најдете спокојство за своите души! Но тие рекоа: ‘Не одиме!’

17 И им поставија стражари: ‘Внимавајте на гласот на рогот!’ Но тие рекоа: ‘Не ќе внимаваме!’

18 Затоа чујте, народи, и вие пастири на нивните стада!

19 Чуј, земјо! Ете, доведувам зло на овој народ, плод на нивната побуна, зашто тие не ги слушаа Моите зборови, го отфрлија Мојот Закон.

20 Зошто Ми е темјанот што доаѓа од Сава, и мирислива трска од далечна земја? Вашите паленици не Ми се мили, не Ми се по волја вашите жртви.”

21 Затоа Господ зборува вака: „Еве, Му поставувам на овој народ пречки на кои ќе се сопнат, татковците и децата заедно, соседот ќе загине заедно со пријателот.”

22 Господ зборува вака: „Еве доаѓа народ од северна земја, голем народ се крева од краиштата на земјата:

23 во рацете им се лак и копје, жестоки се, немилосрдни; вревата им бучи како море, јаваат на коњи, како еден подготвени за бој против тебе, Сионска Ќерко.”

24 Кога ја чувме веста, рацете ни се истоштија, страв нè опфати, болка како родилка.

25 Не излегувајте во полињата, не одете по патиштата, зашто непријателските мечеви се закануваат, ужас сè наоколу.

26 Ќерко на Мојот народ, препаши се со вреќиште, посипи се со пепел, тагувај како за единец со тажачка горчина. Зашто ќе дојде одненадеж врз нас запустувачот.

27 „Те поставив за испитувач на Мојотнарод, за да ги сознаеш и испиташ неговите патишта.

28 Сите тие се најлоши одметници, наоколу клеветат, тврди како бронза и железо, сите се расипани.

29 Дувалото изгоре за да го голтне огнот оловото, напразно леачот се труди да го растопи: згурата не се дава да биде излачена.

30 ‘Отфрлено сребро,’ така ги викаат, зашто Господ ги отфрли!

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52