1 Јудиниот грев е запишан со железна писалка, врезан со дијамантски врв во плочката на нивното срце, и во роговите на нивните жртвеници,
2 како спомен за нивните синови на нивните жртвеници и на нивните ашери околу зелените дрвја по високите брежиња,
3 на ридовите и среде полињата. Твоето богатство и сето твое благо ќе ги предадам на грабеж. Така ќе платиш за својот грев по сета земја.
4 Ќе треба да го оставиш наследството што тебе ти го подарив. Ќе те направам робје на непријателите во земја што не ја познаваш. Зашто Мојот гнев пламна со оган што ќе гори вечно.”
5 Господ зборува вака: „Проклет да биде човек, кој се надева на човек и слабото тело го смета за своја мишка, и чие срце се одвратува од Господа.
6 Зашто тој е како трње во пустината: не чувствува кога е среќата близу, ги престојува деновите во исушената пустина, во солена, ненаселена, земја.
7 Благословен да биде човек, кој се надева во Господа, и кому Господ му е надеж.
8 Сличен е на дрво засадено покрај вода што ги пушта корењата кон потокот: не треба да се плаши од ништо кога ќе дојде жегата, на него зеленилото останува секогаш. Во сушна година не се грижи, не престанува да донесува плод.
9 Поизмамливо од сè е срцето, и е страшно болно, кој може да проникне во него?
10 Јас, Господ, ги истражувам срцата и ги испитувам бубрезите, за да му дадам секому според неговото поведение, според плодот на неговите раце.
11 Потполошка што лежи на јајцата а не изведува е оној што со неправда придобива богатство: во средината на своите дни треба да го остави и на крајот останува безумник.”
12 Славен престол издигнат од дамнина, тоа е нашето свето место.
13 О Господи, надеж на Израел, сите кои што Те оставаат ќе се засрамат, кои ќе се одметнат од Тебе ќе бидат запишани во прав, зашто го оставија Изворот на живата вода.”
14 Исцели ме, Господи, и ќе бидам здрав, спаси ме, и ќе бидам спасен, зашто Ти си моја пофалба.
15 Еве ги што ми зборуваат: „Каде е Господовиот збор? Нека се исполни!”
16 Та јас не се меткав околу Тебе за нивната несреќа, ниту сакав кобен Ден! - Ти го знаеш тоа, сè што излезе од мојата уста пред Тебе е.
17 Не ми биди за ужас Ти, прибежиште мое, во несреќниот Ден.
18 Нека се засрамат моите гонители, а не јас, растрепери ги нив, а не мене. Доведи го врз нив несреќниот Ден, сотри ги со двојно сотрување!
19 Господ ми рече вака: „Отиди и застани на вратата на Синовите на народот низ која влегуваат и излегуваат јудејските цареви, и на сите ерусалимски врати.
20 Речи им: ‘Чујте го Господовото слово, вие, јудејски цареви и сите Јудејци и Ерусалимци, кои поминувате низ овие врати.
21 Господ зборува вака: „Чувајте се ако ви е мил животот, и не носете товар во саботен ден, и не внесувајте го низ ерусалимските врати.
22 И не изнесувајте бремиња од куќата во саботен ден, и не работете никаква работа, туку празнувајте го саботниот ден, како што им заповедав на вашите татковци.
23 Тие не Ме послушаа и не го приклонија своето уво, туку не послушаа закоравено и не ја прифатија науката.
24 А вие, ако Ме послушате - зборува Господ - и ако не носите товари низ вратите на овој град, туку ако го празнувате саботниот ден, не работејќи никаква работа,
25 тогаш низ вратите на овој град ќе влегуваат царевите и кнезовите, кои што седат на Давидовиот престол, кои се возат во коли и јаваат на коњи, тие и нивните првенци, Јудејци и Ерусалимци, и овој град ќе остане довека.
26 И ќе доаѓаат од јудејските градови, од околината на Ерусалим, од Венијаминовата Земја и од Шефел, од Горјето и од Негев, за да принесат паленици, жртви, лебни приноси и кадење, и за да принесат жртва благодарница во Господовиот Дом.
27 Но ако не Ме послушате, та не го празнувате саботниот ден и ако носите бремиња влегувајќи низ ерусалимските врати во саботниот ден, тогаш ќе потпалам оган во неговите врати: и пламенот ќе ги голтне ерусалимските дворци, и не ќе угасне.”‘“