Еремија 18 MKB

1 Ова е словото што Господ му го упати на Еремија:

2 „Стани и слези во грнчаровата куќа - таму ќе ти ги објавам Своите зборови.”

3 И така, слегов во грнчаровата куќа, токму работеше на грнчарското колце.

4 И штом ќе се расипеше во грнчаровата рака садот што би го направил од глина, тој пак правеше од неа друг - како што ќе му се свидеше на грнчарот да направи.

5 И ми дојде Господово слово:

6 „Не можам ли и Јас да правам со вас како овој грнчар, Израелев дому? - зборува Господ. Еве како глината во грнчаровата рака, и вие сте во Мојата рака, Израелев дому.

7 Ако Му објавам на некој народ или на некое царство дека ќе го откорнам, уништам и разурнам,

8 и ако тој народ, против кого Сум зборувал, се обрати од своите нечесности, тогаш ќе се покајам за злото што му го бев наменил.

9 Ако Му објавам на некој народ, или на некое царство, дека ќе го изградам и посадам,

10 а тој почне да прави што е зло во Моите очи, не слушајќи го Мојот глас, ќе се покајам за доброто што им го ветив.

11 Затоа сега речи им на Јудејците и на Ерусалимците: ‘Господ зборува вака: „Еве, ви подготвувам зло и смислувам замисли против вас. И така, вратете се, секој од својот лош пат и поправете ги своите патишта и своите дела.”‘“

12 Но тие велат: „Напразно! Ние со поголема желба ќе ги спроведуваме своите замисли и ќе правиме секој според закоравеноста на своето зло срце.”

13 Затоа, Господ зборува вака: „Распрашајте се по народите, дали некој чул нешто такво? Толкава грозота направи Израелевата девица.

14 Го снемува ли од горските стрмнини ливанскиот снег? Можат ли да пресушат далечните води што течат студени?

15 А Мојот народ Ме заборави Мене! Му принесуваат кадење на ништожеството, се сопнуваат на своите патишта, на древните патеки и одат по врвиците и по непроодниот пат.

16 И така ја претворија земјата во запустеност, во вечно потсмевнување, за да се згрозува над неа секој минувач мавтајќи со главата.

17 Ќе ги размавтам пред непријателот, како источниот ветер; плеќите, а не лицето, Јас ќе им ги покажам во денот на нивната пропаст.”

18 И рекоа: „Ајде, да се заговориме против Еремија, зашто на свештеникот не може да му го снема Законот, ни на мудриот советот, ни на пророкот беседата. Ајде, да го удриме со јазикот и да внимаваме будно на секој негов збор.”

19 Послушај ме, о Господи, и чуј што зборуваат моите противници.

20 Та зар се враќа со зло за добро? А тие ми копаат јама! Спомни си како стоев пред Твоето лице, за да барам кај Тебе милост за нив, за да ја одвратам од нив Твојата јарост.

21 Затоа предај им ги нивните деца на гладот, предај ги на мечот! Жените нека им останат неплодни и вдовици, поморот нека им ги погуби мажите, а младинците нека загинат од меч во војна.

22 Нека се чуе вик од нивните куќи кога одненадеж ќе доведеш против нив грабечки полкови. Зашто тие ископаа јама, за да ме фатат, на моите нозе потајно им наместија примки.

23 О Господи, Ти го знаеш сиот нивни убиствен наум против мене. Не им ги проштавај нивните беззаконија, не им ги избришувај гревовите пред Себе. Нека паднат пред Твоето лице, пресметај се со нив во денот на Својот гнев!

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52