1 „Ако, сакаш Израелу да се вратиш - говори Господ - врати се кај Мене; ако ги отстраниш твоите грозотии, веќе не треба да бегаш од Мене.
2 Ако се заколнеш: ‘Живиот ми Господ!’ вистински, право и праведно, народите ќе бидат благословувани во тебе и ќе се гордеат со тебе.”
3 Зашто Господ им зборува вака на Јудејците и на Ерусалимците: „Изорајте си нови ниви, не сејте меѓу трње.
4 Обрежете Му се на Господа, симнете го обрезокот од своето срце, Јудејци и Ерусалимци, зашто Мојот бес ќе избувне како оган, и ќе гори, а никој да го угасне, заради лошите дела и нечесностите што ги направивте.”
5 Објавете во Јудеја, разгласете во Ерусалим: „Трубете во рог ширум земјата, викајте со полн глас и речете: ‘Сите на собир! Да се вовлечеме во своите утврдени градови!’
6 Издигнете знак кон Сион! Бегајте! Не застанувајте! Зашто доведувам несреќа од Север, голема пропаст.”
7 Лавот се крева од својата густа шума, погибелникот на народите излезе од своето место, тргна за да ја запусти твојата земја: ќе ги разурне твоите градови, ќе им ги снема жителите.
8 Затоа наметнете се со вреќишта, ридајте, тажете, зашто пламнатата јарост на Господа не нè одмина.
9 „Во оној ден - говори Господ - ќе им изнемошти срцето на царот и на кнезовите. Свештениците ќе бидат вчудоневидени, пророците молкнати.”
10 И ќе речат: „Ах, Господи, Боже, навистина нè измами тешко кога рече: ‘Ќе уживате мир’ а сега мечот ни е под грлото.”
11 Во тоа време ќе им биде речено на овој народ и на Ерусалим: „Врел ветер од пустинските височини дува кон ќерките на Мојот народ; но не за да ги лади и за да ги очисти!
12 Ќе ми дојде ветер полн со закана, и Јас тогаш ќе им изречам пресуда!”
13 „Ете, се дига како облачишта, колата му е слична на виор, коњите се побрзи од орлите. Тешко ни! Пропаднавме!”
14 Измиј го злото од своето срце, Ерусалиме, за да се спасиш. До кога во твоите гради ќе се гнездат злосторнички мисли?
15 Зашто гласот навестува од Дан, од Ефремовата Гора најавува несреќа.
16 „Опоменете, разгласете по Јудеја, соопштете му на Ерусалим: непријателите доаѓаат од далечна земја и извикуваат извици против јудејските градови;
17 како полјаците го опкружуваат Ерусалим, зашто се одметнаа од Мене - говори Господ.
18 Твојот пат и твоите дела ти го направија тоа. Тоа е твојата несреќа! Како е горчлива, како ли удира во срцето!”
19 Моја утробо! Моја утробо, боледувам, срцето ми се раскинува! Душата ми трепери! Не можам да молчам, зашто го слушам гласот на рогот, бојните извици.
20 Соопштуваат гибел врз гибел, сета земја е ограбена, моите шатори се запустени одненадеж, во миг на окото сите мои засолништа се уништени.
21 До кога ќе ги гледам бојните знакови, ќе ги слушам повиците на роговите?
22 „Да, Мојот народ е безумен, не Ме познава, тие се неразумни деца, не сфаќаат ништо, мудри се за зли дела, но да прават добро не умеат.”
23 Ја гледам земјата: пуста е, еве, и празна, небесата: светлината им исчезна.
24 Ги гледам горите: ете, се тресат, а сите ридови се растресени.
25 Гледам: еве нема човек, сите небесни птици одлетале.
26 Гледам: еве, плодното поле запусте, Господ ги разурна сите градови со жестокоста на Својот гнев.
27 Да, Господ зборува вака: „Сета земја ќе биде запустена, Јас ќе и го зададам последниот удар.
28 На тоа, земјата ќе се завитка во црно, а небесата, горе, ќе потемнат. Јас реков, и не ќе се раскајам, одлучив и не ќе се откажам.
29 Пред извикот: ‘Коњаници и стрелци!’ сета земја почна да бега: бегаат во грмушките, се искачуваат на ридовите: сите градови се напуштени, веќе никаде жива душа.
30 А ти, запустена, што ќе направиш? Ако се облечеш и во црвено сукно, ако се украсиш со златен накит и ако очите ги оцветиш, напразно се разубавуваш! Твоите љубовници те презираат тебе: ја бараат твојата глава.
31 Да, слушам плач како во болна, врескање како кај онаа што раѓа за првпат. Чуј, тоа Сионската ќерка липа и ја протега раката: ‘Тешко ми! Душата ми замрува под ударите на убијците!’