1 И Господ ми рече: „Кога и Мојсеј и Самоил би застанале пред Мене, Мојата душа не би се обратила кон тој народ. Ги изгонив од пред Моето лице, нека си одат од Мене!
2 Ако те прашаат: ‘Каде да одиме?’ одговори им: ‘Господ зборува вака: „Кој е за смрт, во смрт! Кој е за меч, под меч! Кој е за глад, во глад! Кој е за заточение, на заточение!”‘
3 Ќе испратам врз нив четири неволи - зборува Господ: меч за да ги убива, пси за да ги раскинуваат, небесни птици и ѕверовите за да ги јадат и сотираат.
4 И ќе ги направам ужас за сите земни царства, и тоа заради Манасиј, синот Езекиин, јудејскиот цар - за сите зла што ги направи во Ерусалим.
5 Кој да ти се смилува тебе, Ерусалиме, кој да те пожали? Кој ли ќе се наврати да те праша како ти е?
6 Ти Ме отфрли - зборува Господ - и ми ги сврте плеќите, и затоа на тебе ја кренав погубувачката рака. Ми здодеа да ти опростувам секогаш!
7 Затоа ќе ги извеам со веалка на вратата на оваа земја. Ќе го лишам Мојот народ од деца и ќе Го истребам, зашто не се одвраќа од своите патишта.
8 Во нив ќе има повеќе вдовици отколку морски песок. Против мајките на младите воини ќе го доведам погубувачот, среде пладне, и ќе пуштам врз нив одненадеж ужас и стравотија.
9 Се онесвести родителката на седум деца, ја испушти душата. Сонцето и зајде уште преку денот: посрамена, засрамена е. А што ќе остане од нив, ќе ги фрлам под меч пред нивните непријатели” - слово е Господово.
10 Тешко мене, мајко, што си ме родила, за да се спорам и препирам со сета земја. Никому не му дадов заем, од никого не зедов заем, а сепак сите ме проколнуваат.
11 Господ рече: „Навистина ќе те поткрепам за добро; навистина ќе направам непријателот да ти се моли, во доба на невола, во деновите на неговата тешкотија?
12 Може ли да се скрши железото, железото од Север и бронзата?
13 Твоето богатство и твоето благо ќе ги предадам на грабеж. Така ќе платиш за сите свои беззаконија по сета земја.
14 Ќе те направам робје на непријателите, во земја што не ја познаваш, зашто Мојот гнев пламна со оган што ќе ве изгори, што ќе избувне против вас.”
15 Господи, спомни си за мене и посети ме, и казни ги моите гонители. Не давај да пропаднам поради спороста на Твојот гнев! Спомни си дека заради Тебе поднесувам срам.
16 Кога ми дојдоа Твоите зборови, јас ги голтав: Твоите зборови го восхитија и го зарадуваа моето срце. Зашто се викав со Твоето Име, о Господи, Боже над Воинствата.
17 Никогаш не седев во друштво на потсмевачи за да се развеселам. Осамен живеам под тежината на Твојата рака, зашто Ти ме проникна со јарост.
18 Зошто е мојата болка без пребол? Зошто е мојата рана неисцерива и никако да зарасти? Ах! Сакаш ли мене да ми бидеш како измамлив поток, со непостојани води?
19 Затоа Господ зборува вака: „Ако се вратиш, ќе те пуштам да Ми служиш пак; ако го оддвоиш скапоценото од безвредното, ќе бидеш Моја уста. Тие ќе се свртат кон тебе, но ти затоа не смееш да се завртиш кон нив!
20 Ќе направам од тебе за овој народ ѕид од бронза, непреземлив. Ќе се борат против тебе, но нема да те надвладеат зашто Јас Сум со тебе, за да те спасам и за да те избавам - зборува Господ.
21 Ќе те избавам од рацете на злосторниците и ќе те откупам од рацете на силниците.”