1 Против Моав. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Тешко и на гората Нево, зашто е запустена, засрамен е Киријатаим и освоен, тврдината засрамена, разурната,
2 ја нема веќе моавската гордост. Пропаста му ја сковаа во Есевон: ‘Ајде да го истребиме од народите!’ А ти, Мадмене, ќе бидеш разурнат, мечот веќе иде по тебе!
3 Слушај! Лелеци се слушаат од Оронаим: ‘Грабеж, страшна пропаст!’
4 „Моав е здробен! се слуша врескањето на неговите мали.
5 Да, нагоре по ридот Луит се искачуваат плачејќи. Да, низ надолниците на Оронаим, се разнесува писокот над пропаста.
6 Бегајте, спасувајте го животот, угледајте се на пустинските ослиња!”
7 Зашто се надеваше во твоите тврдини, ќе бидеш и ти освоен. Хамос заминува на заточение, со своите свештеници и кнезови.
8 Запустувачот ќе дојде во секој град, ниеден нема да му избега: Долината ќе биде ограбена, Висорамништето запустено, зборува Господ.
9 Ставете му на Моав надгробен камен, зашто е урнат до основи; неговите градови се пустини, во нив никој не живее.
10 Проклет да е кој негрижливо ги извршува Господовите работи! Проклет да е кој својот меч не ќе го омрси со крв!
11 Од својата младост Моав уживаше мир, лежеше врз својата дрождина, никогаш не го преточуваа од бочва во бочва, никогаш не отиде на заточение: затоа вкусот му остана свеж, мирисот непроменет.
12 Но еве, доаѓаат денови - зборува Господ - и Јас ќе му испратам угнетувачи кои што ќе го преточуваат, ќе ги испразнат неговите бочви и ќе ги искршат неговите садови.
13 И тогаш Моав ќе се засрами заради Хамос, како што Израелевиот дом се засрами заради Ветил во кого се надеваше.
14 Како можете да речете: ‘Ние сме јунаци, храбри воини.’
15 Запустувачот на Моав се нафрли врз него; цветот на неговата младост слегува во кланиците, зборува Царот, Господ над Восјките Нему Му е Име.
16 Наближува Моавовата пропаст, брза неговата гибел.
17 Жалете го, сите негови соседи, и сите кои што го знаете неговото име. Речете: ‘Како ли се скрши цврстата палка, величественото жезло!’
18 Слези од својата слава, седи во кал, жителке, девонска ќерко! Зашто запустувачот на Моав се нафрли врз тебе, ги разурна сите твои тврдини.
19 Застани на патот и набљудувај, о жителу на Ароир! Прашај ги бегалците и преживеаните, прашај ги: ‘Што се случи тоа?’
20 Моав се срами, зашто е скршен. Плачете, липајте! Известете во Арнон дека Моав е запустен.
21 Судот стигна над Висорамнината и над Олон, Јаса и Мифат,
22 над Девон, Нево, Вет Девлатаим,
23 Киријатаим, Вет Гамул, Вет Моен,
24 Кериот, Восор и над сите градови на Моавската Земја, далечните и блиските.
25 Рогот на Моав му е здробен, раката му е скршена.
26 Испијанете го, зашто сакаше да се возвиши над Господа: Моав нека се прпелка сега во својата блуваница, та и тој нека биде за потсмев.
27 Нели тебе Израел ти беше за потсмев? Дали можеби го најдоа во кражба, та мавташ со главата штом зборуваш со него?
28 „Оставете ги градовите, живејте во пештерите, жители на Моав! Бидете како гулаби што се гнездат врз стрмна карпа на работ на нејзината бездна!
29 Чувме за надуеноста на Моав, преголема надуеност, за неговата гордост, фалење, возвишување, за гордоста на неговото срце!
30 Го познавам Јас неговиот бес - говори Господ, лагата на неговите зборови!
31 Затоа треба да лелекам над Моав, да плачам над сите Моавци, да липам заради луѓето на Кир Ерес.
32 Повеќе отколку над Јазир, ќе плачам за тебе, о сивамска лозо, чии подници се протегаа преку море, стигаа сè до Јазир. Врз твоите берби и жетви сега падна запустувачот.
33 Исчезнаа радоста и веселбата, од овоштарниците и од Моавската Земја. Снема вино во бочвите, газачите веќе не го газат грозјето, веселите звуци веќе не се весели.
34 Викањето на Есевон и Елеал се слуша сè до Јаса. Викаат од Сигор до Оронаим и до Еглат Шелишиј, зашто и нимримските води се претворија во пустина.
35 Во Моав ќе направам - говори Господ - да не се искачуваат на високите места и да не им се кади на неговите богови.
36 Затоа срцето ми трепери како кавал за Моав, Моето срце трепери како свирка за луѓето на Кир Ерес: зашто пропадна печалбата што ја спечалија!
37 Сите глави се избричени и брадите потстригани; на сите раце засеци, вреќиште околу слабините.
38 На сите покриви на Моав и на неговите раскрсници само викања за помош, зашто го скршив Моав како врчва што никому не му е потребна - говори Господ.
39 Како ли ја скршив? Колку срамно Моав се даде во бегство! Моав стана потсмев и страшило за сите соседи.”
40 Зашто вака зборува Господ: „Ете, како орел трепери, над Моав шири крилја.
41 Градовите се заземени, тврдините освоени. Во тие денови срцето на моавските јунаци ќе биде како срцето на жена во породилни болки.
42 Моав е избришан од народите, зашто се возвиши над Господа.
43 Страв, јама и примка за тебе, жители на Моав! - говори Господ.
44 Кој ќе му избега на стравот ќе падне во јамата; кој ќе се извлече од јамата, ќе падне во примка. Да, тоа ќе го навалам врз Моав во деновите на неговата казна - зборува Господ.
45 Во есевонската сенка застануваат исцрпените бегалци. Но оган излегува од Есевон, пламен лиже од сионскиот дворец и му ги голта слепоочниците на Моав и темето на бунтовничките синови.
46 Тешко ти тебе, Моаву! Замислен си, Хамосов народу! Зашто твоите синови ги одведоа во заточение, твоите ќерки во пленство.
47 Но ќе му ја изменам кобта на Моав во иднина” - зборува Господ. Дотука - судењето на Моав.