1 Кога Еремија му ги кажа на сиот народ сите зборови на Господа, нивниот Бог, сите оние зборови кои Господ, нивниот Бог, ги испрати до нив,
2 Езаниј, синот Осаев, и Јоанан, синот Кариов, и сите оние дрски луѓе му одговорија на Еремија: „Ни зборуваш лаги.” Не те испрати Господ да ни зборуваш: ‘Не одете во Египет за да се населите таму,’
3 туку Варух, синот Нириин, те наговори да нè предадеш во рацете на Халдејците, кои ќе нè погубат или ќе нè одведат во вавилонско заточение!”
4 И Јоанан, синот Кариов, и сите заповедници и сиот народ не го послушаа Господовиот глас, за да останат во Јудејската Земја.
5 Туку Јоанан, синот Кариов, и воените заповедници го поведоа сиот Јудин остаток, оние кои што се беа вратиле од земјите во кои што беа заточени, за да се населат во Јудејската Земја:
6 мажите, жените и децата, и сите царски ќерки и сите луѓе кои Невузардан, заповедникот на телесната стража, ги остави кај Годолиј, синот Ахикамов, синот Сафанов, па и пророкот Еремија, и Варуха, синот Нириин,
7 та тие се иселија во Египет, зашто не го слушаа Господовиот глас. И дојдоа до Тафнес.
8 Во Тафнес му дојде Господово слово на Еремија:
9 „Земи во рацете големи камења и вгради ги, пред сите Јудејци, со кал во поплочницата пред влезот во фараоновиот дворец.
10 И речи им: ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Еве праќам по Својот слуга Навуходоносор, вавилонскиот цар. Тој ќе го постави престолот врз овие камења што ги вградив и над нив ќе го оптегне својот царски шатор.
11 Да, ќе дојде и ќе ја порази Египетската Земја: Кој е за смрт, во смрт! Кој е за заточение, во заточение! Кој е за меч, под меч!
12 Тој со оган ќе ги изгори домовите на египетските богови, ќе ги изгори и ќе ги истера боговите, ќе ја исчисти Египетската Земја, како што пастирот ја треби својата облека. И тогаш, во мир ќе си отиде оттука.
13 Ќе ги искрши спомениците на капиштето на Сонцето што е во Хелиопол, а капиштата на египетските богови ќе ги изгори со оган.”‘“