Еремија 27 MKB

1 Во почетокот на царувањето на Седекија, синот Јосиин, јудејскиот цар, Господ му го упати на Еремија ова слово:

2 „Господ ми рече вака: ‘Направи си јажиња и јарем и стави си го на вратот.

3 Потоа порачај им на едомскиот цар, на моавскиот цар, на амонскиот цар, на тирскиот цар и на сидонскиот цар, по нивните пратеници кои дојдоа во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија.

4 Нареди им да им порачаат на своите господари: „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог! Порачајте им вака на своите господари:

5 ‘Јас, со Својата сèсилна сила и со испружената рака, ги создадов земјата, луѓето и животните на земјата. И Јас му го давам тоа кому што сакам.

6 И така, сега сите тие земји ги давам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, на Својот слуга; му ги давам и полските ѕверови, за да му служат.

7 И сите народи ќе им служат: нему и на неговиот син, и на синот на неговиот син, додека не чукне часот и за неговата земја, та силни народи и големи цареви не го покорат и него.

8 Ако некој народ, или царство, не сака да му служи на Навуходоносор, на вавилонскиот цар, не сакајќи да се впрегне во јаремот на вавилонскиот цар, тој народ ќе го казнам со меч, глад и помор - говори Господ - додека сосем не го затрам со неговата рака.

9 И така, не слушајте ги своите пророци, гатачи, сонувачи, своите ѕвездари-астролози и волшебници кои ви зборуваат: „Не, вие нема да му служите на вавилонскиот цар!”

10 Зашто тие ви пророкуваат лага само за да ве оддалечат од вашата земја, за да ве истерам па да пропаднете.

11 Ама народот кој ќе се впрегне во јаремот на вавилонскиот цар, за да му служи, ќе го оставам во мир во неговата земја - говори Господ - за да ја обработува и да живее во неа.’”

12 Сè тоа му го реков на Седекија, јудејскиот цар, говорејќи: „Впрегнете се во јаремот на вавилонскиот цар и покорете им се нему и на неговиот народ, за да останете живи.

13 Зошто да загинете, ти и твојот народ, од меч, од глад и од помор, како што Господ му се закани на народот што не ќе му се потчини на вавилонскиот цар?

14 И така, не слушајте ги зборовите на оние пророци кои ви зборуваат: ‘Вие нема да му служите на вавилонскиот цар.’ Тие ви пророкуваат лага.

15 Зашто Јас не ги испратив да ви пророкуваат - говори Господ - туку тие ви пророкуваат лага во Мое Име, за да ве истерам од вашата земја, па да пропаднете - вие и пророците кои што ви пророкуваат.”

16 И на свештениците и на сиот овој народ им реков: „Господ зборува вака: ‘Не слушајте ги зборовите на своите пророци кои ви пророкуваат вака: „Еве, садовите на Господовиот Дом скоро ќе бидат вратени од Вавилон.” Тие ви пророкуваат лаги.

17 Не слушајте ги! Покорете му се на вавилонскиот цар, за да останете живи! Зошто овој град да стане урнатина?

18 Ако се тие навистина пророци, та ако е во нив Господовиот збор, нека Му се молат на Господа над Војските за садовите, што уште останаа во Господовиот Дом и во дворецот на јудејските цареви, да не преминат во Вавилон!

19 „Зашто Господ зборува вака за столбовите, за морето, за подножјата и за останатите садови што уште останаа во овој град -

20 што уште Навуходоносор, вавилонскиот цар, не ги зеде со себе тогаш кога ги одведе на заточение од Ерусалим во Вавилон: Јехониј, синот Јоакимов, јудејскиот цар, и сите јудејски и ерусалимски првенци.

21 Да, вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог, за садовите што останаа во Господовиот Дом, во дворецот на јудејскиот цар, и во Ерусалим:

22 „Ќе бидат однесени во Вавилон и ќе останат таму сè до денот кога Јас ќе отидам по нив - говори Господ. И јас ќе го донесам сè тоа и ќе го поставам на ова место!’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52