1 Ова е словото што му дојде на Еремија од Господа:
2 „Застани пред вратата на Господовиот Дом, разгласи го таму оваа слово. Речи: ‘Чујте го Господовиот збор, сите Јудејци, кои влегувате низ оваа врата за да Му се поклоните на Господа.’”
3 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Поправете ги своите патишта и своите дела, па Јас ќе престојувам со вас на ова место.
4 Не надевајте се на лажните зборови: ‘Господово светилиште! Господово светилиште! Господово светилиште!’
5 Но ако навистина ги поправите своите патишта и своите дела, и ако навистина ќе правите што е право, секој кон својот ближен,
6 ако не ги угнетувате странецот, сирачињата и вдовиците и ако не пролевате невина крв на ова место, ако не трчате по туѓи богови за своја несреќа -
7 ќе престојувам со вас на ова место, во земјата што им ја дадов на вашите татковци засекогаш.
8 Ама вие се надевате во лажни и неполезни зборови!
9 Зар да крадете, да убивате, да правите прељуба, да се заколнувате криво, да му палите темјан на Ваал и да трчате по туѓи богови што не ги познавате,
10 а тогаш да доаѓате и да стоите пред Мене во овој Дом, што го носи Моето Име и да зборувате: ‘Спасени сме!’ и потоа пак да правите зло и нечесности?
11 Зар овој Дом, што се вика со Моето Име, е во вашите очи разбојничка пештера? Но Јас гледам добро - говори Господ.
12 И така, појдете во Моето место, што е во Сило, каде што некогаш го настанив Своето Име, и погледајте што направив од него заради беззаконијата на Својот Израелски народ.
13 Бидејќи ги правите сите оние исти недела - слово е Господово - и ако ве опоменувам неуморно, вие не слушате, а кога ве повикувам, вие не се одѕвивате:
14 од овој Дом, што се вика со Моето Име, во кое се надевате вие, и од ова место што ви го дадов вам и на вашите татковци, ќе направам исто што направив и од Сило.
15 Ќе ве отфрлам од Своето лице, како што ги отфрлив сите ваши браќа, сето Ефремово потомство.
16 А ти не моли милост за овој народ, не кревај глас за нив и не моли, ниту се застапувај пред Мене, зашто нема да те послушам.
17 Не гледаш ли што прават по јудејските градови и по ерусалимските улици?
18 Децата собираат дрва, татковците запалуваат оган, жените месат тесто за да и испечат колачиња на ‘царицата на небото’ и им леат налевници на други богови за да Ме похулат.
19 Зар Мене Ме хулат со тоа - Господов збор е - а не себеси за свој срам?”
20 И затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, Својот гнев и Својата јарост ќе ги излеам врз ова место, на луѓето и на добитокот, на полските дрва и на плодовите на земјата, ќе се распламени и нема да угасне.”
21 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „На палениците додајте им и жртви, и јадете месо.
22 Јас ништо не им реков на вашите татковци за палениците и закланиците, ниту им заповедав нешто за тоа кога ги изведов од Египетската Земја.
23 Ова им го заповедав: ‘Слушајте го Мојот глас, па Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ. Одете по патот по кој што ви заповедав, за да ви биде добро.’
24 А тие не послушаа, не го приклонија своето уво, туку тргнаа по советот и закоравеноста на своето лошо срце; Ми ги свртија плеќите, а не лицето.
25 Од денот кога вашите татковци излегоа од Египетската Земја па до денешниот ден ви испраќав толку свои слуги, пророци, од ден на ден, неуморно.
26 Но тие не Ме слушаа, не го приклонија своето уво, туку го закоравеа вратот, полошо од своите татковци.
27 Можеш да им го речеш сè тоа, но нема да те послушаат; викни ги, не ќе ти одговорат.
28 Затоа речи им: ‘Ова е народ кој не го слуша гласот на Господа, својот Бог, и не прима опомени. Ја снема вистината, ја снема од нивната уста.
29 Истрижи ја својата долга коса, фрли ја. По голините затажи со тажачка, зашто Господ го отфрли и го остави родот на кого се разгневи.
30 Да, Јудините синови, прават што е зло во Моите очи - зборува Господ. Поставија грозотии во Домот што се вика со Моето Име, за да го осквернат;
31 издигнаа тофетски високи места во Долината Бен Еном (Еномови Синови) и ги горат во оган своите синови и ќерки - што Јас никогаш не им заповедав, ниту пак тоа некогаш Ми падна на ум.
32 Затоа, еве, доаѓаат денови - зборува Господ - кога веќе не ќе се рече Тофет ни Долина Бен Еном, туку Долина на Колежи. Во Тофет ќе бидат погребувани мртви, зашто не ќе има друго место.
33 А мртвите тела на овој народ ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови, и не ќе се најде никој за да ги исплаши и да ги изгони.
34 Ќе ги отстранам од јудејските градови и од ерусалимските улици: радоста и веселбата: зашто таа земја ќе се претвори во пустина.