Еремија 38 MKB

1 Сефатиј, синот Матанов, и Годолиј, синот Пасхоров, и Јухал, синот Малхиин, чуја тогаш за зборовите што Еремија му ги кажа на сиот народ:

2 „Господ зборува вака: ‘Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч, од глад и од помор. А кој ќе излезе пред Халдејците, ќе го спаси животот - животот ќе му остане како корист, ќе остане жив.’

3 Зашто Господ зборува вака: ‘Овој град навистина ќе падне во рацете на војската на вавилонскиот цар и таа ќе го заземе!’”

4 Тогаш кнезовите му рекоа на царот: „Овој човек треба да биде убиен: тој навистина ги обесхрабрува воините кои уште останаа во градот и сиот народ, кога зборува такви зборови пред нив. Па тој човек не го бара доброто на овој народ, туку неговата пропаст.”

5 А царот Седекија одговори: „Ете, тој е во вашите раце, зашто царот и така нема веќе власт над вас.”

6 Тогаш го грабнаа Еремија и го фрлија во јамата на царскиот син Малхиј, што беше во темничкиот двор, и тие го спуштија со јажиња. Ама во водособиралиштето немаше вода, туку само тиња, така што Еремија пропадна во тињата.

7 Но Кушитот Авде-Мелех, дворјанец кој беше во царскиот дворец, чу дека Еремија го фрлија во водособиралиштето додека царот токму седеше кај Венијаминовата Врата.

8 Тогаш Авде-Мелех излезе од царскиот дворец, та вака му рече на царот:

9 „Господине, цару мој, овие луѓе прават зло кога постапуваат така со пророкот Еремија: го фрлија во јамата, каде ќе умре од глад, зашто нема леб во градот.”

10 Тогаш царот му заповеда на Етиопецот Авде- Мелех: „Поведи оттука тројца луѓе, па извлечете го пророкот Еремија од водособиралиштето, додека не умрел.”

11 И Авде-Мелех ги поведе луѓето, влезе во царскиот дворец, под ризницата: зеде таму малку износени и искинати облеки, та со јаже му ги спуштија на Еремија во јамата.

12 Кушитот Авде-Мелех му рече на Еремија: „Сложи ги износените и искинатите облеки под пазувата и под јажињата.” Еремија направи така.

13 Тогаш со јажињата го извлекоа Еремија од јамата. Оттогаш Еремија остана во темничкиот двор.

14 Царот Седекија испрати по пророкот Еремија, та го повика да дојде кај него на третиот влез што води во Господовиот Дом. Царот му рече на Еремија: „Сакам да те прашам нешто, немој ништо да ми затаиш!”

15 Еремија му одговори на Седекија: „Ако ти кажам, нема ли да ме погубиш? Ако пак те посоветувам, не ќе ме послушаш!”

16 Тогаш царот Седекија му се заколна во тајност на Еремија со овие зборови: „Живиот ми Господ, Кој ни го даде овој живот, не ќе те погубам и не ќе те предадам на оние што ти работат спроти главата.”

17 И така, Еремија му рече на Седекија: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако излезеш пред војсководачите на вавилонскиот цар, ќе ја спасиш главата, и овој град нема да биде уништен со оган; ќе живеете ти и твојот дом.

18 Ако пак не излезеш пред војсковотците на вавилонскиот цар, овој град ќе падне во рацете на Халдејците, и тие ќе го спалат, а ти не ќе се спасиш од нивните раце.’”

19 А царот Седекија му одговори на Еремија: „Се плашам од Јудејците кои пребегаа кај Халдејците: би можеле да ме предадат и мене во нивните раце за да ми се потсмеваат.”

20 Еремија одврати: „Тие нема да го направат тоа. Послушај го Господовиот глас, според кој ти зборував, ќе ти биде добро и ќе го спасиш својот живот.

21 Ама ако не сакаш да излезеш од градот, еве го словото што Господ ми го објави:

22 ‘Ете, сите жени кои уште останаа во дворецот на јудејскиот цар ќе бидат одведени кај војсковотците на вавилонскиот цар и ќе зборуваат: „Те заведоа, Те совладаа, твоите верни пријатели! Кога нозете ти пропаѓаат во кал, тие те напуштаат!”

23 Да, сите твои жени и твои деца ќе ги одведат кај Халдејците, а ни ти самиот нема да им избегаш на нивните раце: ќе допаднеш во рацете на вавилонскиот цар, а овој град ќе биде изгорен.’”

24 Седекиј му рече на Еремија: „Никој жив не смее да научи нешто за тоа, инаку ќе умреш.

25 И така, ако кнезовите научат дека разговарав со тебе, па дојдат кај тебе и речат: ‘Та јави ни што ти кажа царот тебе, а ти нему; не криј ништо пред нас, инаку ќе те убиеме,’

26 одговори им: ‘Го молев царот да не ме враќа веќе во Јонатановата куќа, за да не умрам таму!’”

27 И навистина, кнезовите дојдоа кај Еремија, па го испитуваа. Ама тој им одговори токму онака како што му беше наредил царот. Тогаш го оставија, зашто ништо не се расчу за оној разговор.

28 И така, Еремија го оставија во темничкиот трем сè до денот кога непријателот го зазеде Ерусалим. Кога го зазедоа Ерусалим, тој беше таму.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52