Еремија 39 MKB

1 Во деветтата година на царот Седекија, јудејскиот цар, во десеттиот месец, Навуходоносор, вавилонскиот цар, тргна со сета војска против Ерусалим, та го опсади.

2 Во единаесеттата година на царот Седекија, во четвртиот месец, во деветтиот ден на месецот, навлегоа во градот.

3 Сите војсководачи на вавилонскиот цар влегоа па се сместија кај Средната Врата: Нергал Сар-Есер, кнезот Сам-Гарневон, Сар-Сехим, врховен заповедник, Нергал Сар-Есер, висок достоинственик, и сите други војсководачи на вавилонскиот цар.

4 Кога ги видоа Седекија, јудејскиот цар, и сите негови воини, почнаа да бегаат преку Царската Градина низ вратата меѓу два ѕида, ноќе излегоа од градот и тргнаа кон долината Араба.

5 Но халдејските чети ги гонеа и го настигнаа Седекија во Ерихонските Полиња. Го фатија, го одведоа во Ривла, во Ематската Земја, пред Навуходоносора, вавилонскиот цар, кој му изрече пресуда.

6 И вавилонскиот цар даде во Ривла, пред очите на царот Седекија, да ги заколат неговите деца. А вавилонскиот цар даде да бидат погубени и сите јудејски првенци.

7 На Седекија му ги ископа очите, го стави во окови за да го одведе во Вавилон.

8 Халдејците ги запалија царскиот дворец и куќите на народот и ги разурнаа ерусалимските ѕидови.

9 Остатокот од населението што остана во градот, бегалците што му се предадоа и сиот друг народ ги отера во ропство во Вавилон - Невузардан, заповедникот на телесната стража.

10 А од бедниот народ што немаше ништо, Невузардан, заповедникот на телохранителите, остави некои во Јудејската Земја и им раздели лозја и ниви.

11 За Еремија Навуходоносор, вавилонскиот цар, му заповеда на Невузардан, на заповедникот на телесната стража:

12 „Земи го, и твоето око нека бдее над него. Не прави му никакво зло, туку постапувај со него како што тој ќе посака.”

13 Тогаш Невузардан, заповедникот на телесната стража, Невусазван, висок достоинственик, Нергал Сар-Есер, врховен заповедник, и сите војсководачи на вавилонскиот цар,

14 испратија луѓе за да го изведат Еремија од темничкиот двор, и му го предадоа на Годолиј, син Ахикамов, син Сафанов, за да го одведат дома. И така тој остана меѓу народот.

15 Додека Еремија беше затворен во темничкиот двор, му дојде Господово слово:

16 „Отиди и речи му на Етиопецот Авде-Мелех: ‘Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе направам да се исполнат Моите зборови против овој град, за несреќа, не за негово спасение. И кога во оној ден пред твоите очи се обистинат,

17 Јас ќе те спасам во оној ден - говори Господ - и не ќе бидеш предаден во рацете на луѓето пред кои што трепериш,

18 зашто Јас ќе те спасам навистина, па нема да загинеш од меч, туку ќе го добиеш животот како корист, зашто се надеваше во Мене - говори Господ.’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52