1 Господ му упати слово на Еремија во деновите на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар:
2 „Оди во заедницата на Рихавовците, зборувај со нив и доведи ги во Господовиот Дом, во една од двораните, и дај им вино.”
3 Тогаш ги доведов Јазаниј, синот Ховасиин синот Еремиин, неговите браќа и сите негови синови и сиот дом на Рихавовците,
4 и ги доведов во Господовиот Дом, во двораната на Божјиот човек Бен Анан, синот Идалиин, што е до кнежевската дворана, а над двораната на вратарот Масиј, синот Салумов.
5 Потоа ставив пред синовите на домот на Рихавовците врчви полни со вино и чаши, та им реков: „Пијте вино!”
6 Ама тие одговорија: „Не пиеме вино,” зашто нашиот татко Јонадав, синот Рихавов, ни заповеда: ‘Не смеете никогаш да пиете вино, ни вие ни вашите синови.
7 Ниту смеете да градите куќи, ниту да сеете семе, ниту да садите лозја, ниту да ги имате во сопственост, туку поминувајте го сиот ваш живот под шатори, за да живеете долго во земјата каде престојувате како странци.’
8 И ние го послушавме гласот на нашиот татко Јонадав, синот Рихавов, во сè што ни заповеда: да не пиеме никогаш вино, ни ние ни нашите жени, ниту нашите синови, ниту нашите ќерки,
9 да не градиме куќи, ни да имаме лозја ни засеани полиња,
10 да живееме под шатори и послушно пазиме сè што ни заповедал нашиот татко Јонадав.
11 Само кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, тргна против оваа земја, рековме: ‘Ајде, да појдеме во Ерусалим за да ја избегнеме халдејската војска и арамејската војска!’ И така сега живееме во Ерусалим.”
12 Тогаш му дојде Господово слово на Еремија:
13 „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Оди и објави им на Јудејците и на Ерусалимците: „Зар нема да ја примите Мојата наука и нема да ги послушате Моите зборови? - говори Господ -
14 Се исполнуваат зборовите на Јонадав, синот Рихавов, кој што им забрани на своите синови да пијат вино, и до денешниот ден никој не го пие, зашто тие ги слушаат зборовите на својот татко. А Јас ви зборував исто, ама не Ме слушавте.
15 И ги праќав постојано кај вас Своите слуги, пророците, за да ви проповедаат: ‘Вратете се секој од својот лош пат, поправете ги вашите дела и не трчајте по туѓите богови за да им служите, па ќе останете во земјата што ви ја дадов вам и на вашите татковци.’ Ама не го приклонивте своето уво и не Ме послушавте.
16 Синовите на Јонадав, синот Рихавов, ги пазеа заповедите што им ги даде нивниот татко. Но Мене овој народ не Ме слуша.”‘
17 Затоа зборува Господ, Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Еве, ќе ги навлечам врз Јуда и врз сите Ерусалимци сите оние неволји со кои им се заканив, зашто им зборував, а тие не Ме слушаа, ги повикував, но тие не се одѕвиваа.’”
18 Еремија и рече на заедницата на Рихавовците: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Зашто ги слушавте заповедите на својот татко Јонадав и ги пазевте сите наредби и правевте сè што тој ви заповедал,
19 затоа - вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог - на Јонадав, синот Рихавов, никогаш не ќе му снема потомци, кои што ќе стојат пред Моето лице во сите денови.”‘“