1 И ми дојде Господовото слово и рече:
2 „Не земај жена за себе; и немај ни синови ни ќерки на ова место.”
3 Зашто Господ зборува вака за ќерките и синовите што ќе се родат на ова место, и за мајките што ќе ги раѓаат, и за татковците кои ќе ги имаат во оваа земја:
4 „Тие ќе умираат со непреболна смрт, никој не ќе ги оплачува, ниту ќе ги погребе. Ќе се претворат во гној за ораниците, ќе изгинат од меч и од глад, а нивните трупови ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови.”
5 Да, Господ зборува вака: „Не смееш да влезеш во куќата на жалост, не оди да тажиш ниту да ги сожалуваш. Зашто Јас Му го скусив Својот мир на тој народ - зборува Господ - љубовта и сомилоста.
6 Ќе изумре големото и малото во оваа земја и никој не ќе ги закопа. Никој не ќе тажи над нив, ниту ќе прави зарези заради нив, ниту ќе ја стрижи косата.
7 За оној во жалоста не ќе раскшуваат леб, за да го утешат заради покојникот, ниту некој ќе му подаде чаша на утеха заради смртта на неговиот татко или на неговата мајка.
8 Не влегувај во куќа каде што прославуваат за да седиш со нив и за да се гостиш.”
9 Зашто вака зборува Господ над Восјките, Израелевиот Бог: „Еве, ќе направам да ги снема од ова место и пред вашите очи и во овие денови воскликнувањата на радост и веселба, и гласовите на младоженецот и на невестата.
10 А кога ќе му ги објавиш на народот сите овие зборови, па те прашаат: ‘Зошто Господ ни се закани со сета оваа голема несреќа; во што е нашето злосторство и во што се нашите гревови што ги направивме против Господа, нашиот Бог?’
11 Тогаш одговори им: ‘Во тоа што вашите татковци Ме оставија - говори Господ - и трчаа по туѓите богови за да им служат и за да им се клањаат, а Мене Ме оставија и не го запазија Мојот Закон.
12 А вие направивте уште полошо од вашите татковци, зашто еве, секој се поведува по закоравеноста на своето лошо срце, а Мене не Ме слуша.
13 Затоа ќе ве истерам од оваа земја во земја што ви е непозната, како што им беше и на вашите татковци. Таму ќе им служите на туѓи богови дење и ноќе; зашто веќе нема да ви се смилувам!’
14 Затоа, еве, доаѓаат дни - говори Господ - кога веќе не ќе се зборува ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Египетската Земја,’
15 но ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Северната Земја и од сите земји, во кои ги протера;’ зашто ќе ги вратам во нивната земја, што им ја дадов на нивните татковци.
16 Еве, ќе испратам многу рибари - говори Господ - кои ќе ги уловат. А потоа ќе доведам многу ловци, кои ќе ги гонат од сите гори, и од сите брежиња, и од сите пештерски цепнатини.
17 Зашто Моите очи ги следат сите нивни патишта: нема да избегаат, ниту нивното беззаконие може да се скрие од Моите очи.
18 Двојно ќе им ги наплатам нивното беззаконие и нивните гревови, зашто со труповите на своите грозотии ги осквернија Мојата земја и Моето наследство го исполнија со гнасости.”
19 Господи, сило моја и тврдино моја, прибежиште мое во деновите на неволја! Кај Тебе ќе дојдат народите од краиштата на земјата. И ќе зборуваат: „Нашите татковци ни оставија само лага, ништожество и немоќ.”
20 Та создава ли човекот сам за себе богови, тоа никако не се богови.
21 „Еве, ќе направам да почувствуваат, овој пат навистина да ја познаат Мојата рака и Мојата сила, и ќе знаат дека Името Ми е Господ.