1 „Поминете по ерусалимските улици, погледајте добро и распрашајте се, барајте по неговите раскрсници, па ако најдете и еден човек кој прави правда и ја бара вистината, ќе му простам на овој град - говори Господ.
2 Па кога и зборуваат: ‘Живиот ми Господ!’ навистина се колнат лажно.”
3 Господи, нели се Твоите очи насочени кон вистината? Ги биеш, ама нив не ги боли; ги истребуваш, но тие ја одбиваат Твојата поука. Челото им е поцврсто од стрмна карпа, одбиваат да се обратат.
4 Реков: „Само бедните постапуваат така лудо, зашто не го знаат Господовиот пат, ни својот вистински Бог.
5 И така, ќе отидам кај големците и ќе им зборувам ним, зашто тие го познаваат Господовиот пат и својот вистински Бог.” Но тие сложно го скршија јаремот, и ги искинаа сите врски.
6 И затоа ги напаѓа горскиот лав, пустинскиот волк ги раскинува, леопардите ги дебнат нивните градови, секој кој ќе излезе од нив, ќе биде раскинат. Зашто нивните гревови се многубројни, многуструки се нивните отпаѓања.
7 „Зошто да ти простам? Твоите синови Ме напуштија, се заколнуваат во лажни богови. Јас ги наситив, тие направија прељуба, се нафрлија во куќата на блудницата.
8 Тие се како згоени, нахранети коњи: ‘ржат по жената на својот ближен.
9 Па тоа да не го казнам - говори Господ - на таков народ да не му се одмаздам?”
10 „Искачете се на ѕидовите! Разурнувајте! уништете, но не сосема! Откорнете ги сите копачки, зашто не се Господови.
11 Да, постапија многу вероломно со Мене: Израелевиот дом и Јудиниот дом - говори Господ.
12 Го одрекоа Господа, рекоа: „Го нема! Злото нема да нè најде, не ќе испитаме ни глад ни меч!
13 А пророците се како ветерот, нема говорници меѓу нив! Еве што ќе им се случи:
14 Затоа вака зборува Господ, Бог над Воинствата: „Затоа што зборуваа така, Моите зборови во твојата уста, во оган ќе ги претворам а овој народ во дрво, за да го голтне огнот.
15 Еве, ќе доведам против вас народ оддалеку, Израелев дому - говори Господ. Народ непобедлив, народ древен, народ чиј јазик не ќе го знаеш, ниту ќе разбереш што зборува.
16 Торбата за стрели им е отворен гроб. Сите се тие одбор јунаци.
17 Тој ќе ги изеде: твојата жетва, твојот леб, твоите синови и ќерки, твоите овци и говеда, грозјето и смоквите твои, ќе ти ги разори тврдите градови во кои се надеваш сега.
18 Но ни тогаш - говори Господ - не ќе те уништам сосем.
19 А кога ќе прашуваат: ‘Зошто Господ, нашиот Бог, ни го стори ова?’ ти ќе им одговориш: ‘Зашто Ме оставивте Мене, за да им служите на туѓи богови во својата земја, ќе му служите на туѓинец, во земјата што не е ваша!’
20 Објавете му го ова на Јакововиот дом и прогласете го по Јудеја:
21 ‘И така, чујте го ова, луд и неразумен народу: очи имаат, а не гледаат, уши имаат, а не слушаат!
22 Зар не ќе се боите од Мене - говори Господ - зар не ќе треперите пред Мене? Кој му ја ставив песокта на морето за граница, за вечна меѓа што никогаш нема да ја помине: тоа се накрева, но е немоќно, брановите му бучат, но нема да поминат.
23 Но, во овој народ срцето е бунтовно, непокорно; тие се оддалечија - тоа е нивната сила!
24 Не рекоа во своето срце: „Да се боиме од Господа, нашиот Бог, Кој што ни праќа во прав час ран дожд и доцен дожд, и Кој ни ги чува седмиците одредени за жетва.”
25 Вашите беззаконија го нарушија ова, вашите гревови ви ја уништија благосостојбата.
26 Да, во Мојот народ има нечестивци: дебнат од заседа како птичари, поставуваат стапици, ги фаќаат луѓето.
27 Како што е клетката полна со птици, така нивните куќи се полни со грабежи; така станаа големи и богати,
28 дебели и згоени. Ја пречекорија секоја мерка на злото, не ги бранат судските дела; делата на сирачињата, и пак им е добро, и не му пресудуваат на справедливото дело на бедните.
29 Па тоа да не го казнам! - говори Господ, на таков ли народ да не му се одмаздам?’
30 „Стравотии и грозотии се збиднуваат во оваа земја:
31 пророците пророкуваат лага, а свештениците поучуваат на своја рака. А тоа му замиле на Мојот народ! Но што ќе прави на крај?