Еремија 17:19-25 MKB

19 Господ ми рече вака: „Отиди и застани на вратата на Синовите на народот низ која влегуваат и излегуваат јудејските цареви, и на сите ерусалимски врати.

20 Речи им: ‘Чујте го Господовото слово, вие, јудејски цареви и сите Јудејци и Ерусалимци, кои поминувате низ овие врати.

21 Господ зборува вака: „Чувајте се ако ви е мил животот, и не носете товар во саботен ден, и не внесувајте го низ ерусалимските врати.

22 И не изнесувајте бремиња од куќата во саботен ден, и не работете никаква работа, туку празнувајте го саботниот ден, како што им заповедав на вашите татковци.

23 Тие не Ме послушаа и не го приклонија своето уво, туку не послушаа закоравено и не ја прифатија науката.

24 А вие, ако Ме послушате - зборува Господ - и ако не носите товари низ вратите на овој град, туку ако го празнувате саботниот ден, не работејќи никаква работа,

25 тогаш низ вратите на овој град ќе влегуваат царевите и кнезовите, кои што седат на Давидовиот престол, кои се возат во коли и јаваат на коњи, тие и нивните првенци, Јудејци и Ерусалимци, и овој град ќе остане довека.