1 И ми дојде Господово слово:
2 „Отиди и викај му на Ерусалим: ‘Господ зборува вака: „Си спомнувам за твојата младост приврзена, за твојата вереничка љубов: ти дојде со Мене во пустината, по земја каде што не се сее.
3 Израел му беше светина на Господа, првина на Неговите плодови; секој што јадеше од нив, беше казнет; зло го најде,” говори Господ.’”
4 Чујте го Господовото слово, Јаковов дому, и сите родови на Израелевиот дом.
5 Господ зборува вака: „Каква неправда најдоа вашите очи на Мене, та се оддалечија од Мене? Тргнавте по суетата, та самите станавте суетни.
6 Не прашуваа: ‘Каде е Господ, Кој нè изведе од Египетската Земја та нè водеше низ пустината, по пуста земја, едвај проодна, по сува и мрачна земја, по земја низ која никој не поминува, ниту пак некој се населува?’
7 Во земја на лозја и маслинови градини Јас ве доведов, за да се храните со плодот и со нејзината добрина. Но тукушто влеговте, ја осквернивте Мојата земја, и Моето наследство го претворивте во гнасост.