Еремија 2:8-14 MKB

8 Свештениците не зборуваа: ‘Каде е Господ?’ Толкувачите на Законот Мене не Ме запознаа, пастирите отпаднаа од Мене, а пророците пророкуваа во Ваалово име, и одеа по оние што не можеа да им помогнат.

9 Затоа уште ќе водам парница со вас - говори Господ, и ќе се парничам со синовите на вашите синови:

10 И така, тргнете на Китимските острови, за да видите, или испратете согледувачи во Кидар, та промислете и проверете добро дали се случило нешто слично некогаш.

11 Дали некој народ ги менуваше боговите - тие дури и не се богови! А Мојот народ ја замени својата Слава за оние што не помагаат!

12 Запрепастете се над тоа, небеса, смутете се и зачудете се, - говори Господ.

13 Зашто Мојот народ направи две зла: Ме остави Мене, Изворот на живата вода, та си ископа кладенци за себе, испукани кладенци што не можат да држат вода.

14 Дали е Израел роб или слуга роден во куќата? Зошто стана плен?