Еремија 20:6-12 MKB

6 А ти, Пасхор, ќе се преселиш во Вавилон со сите свои домашни. Да, ќе дојдеш во Вавилон и таму ќе умреш и ќе бидеш погребан, ти и сите твои пријатели на кои што им пророкуваше лаги.’”

7 Ти ме заведе, о Господи, и оставив да бидам заведен; Ти си посилен од мене и ме совлада. А сега сум им на сите за потсмев од ден во ден, секој ме исмејува.

8 Зашто штом ќе проговорам, треба да викам, треба да навестувам: „Насилство! Пропаст!” Навистина Господовото слово ми стана за презир и за потсмев цел ден.

9 И реков во себеси: „Веќе не ќе мислам на Него, ниту ќе зборувам во Негово Име.” Но тогаш во моето срце беше како распламенат оган запретан во моите коски: напразно се трудев да издржам, не можев веќе.

10 Чув многу клевети: „Ужас отсекаде! Пријавете! Ние ќе го пријавиме!” Сите кои што ми беа пријатели го чекаа моето паѓање. „Можеби ќе го заведеме, па ќе завладееме со него и ќе му се одмаздиме нему!”

11 Со мене е Господ како силен јунак! Затоа моите гонители ќе се сопнат и не ќе надвладеат, ќе се засрамат многу заради поразот, заради незаборавениот вечен срам.

12 О Господи над Силите, Кој проникнуваш во праведникот и му ги гледаш бубрезите и срцето, дај ми да видам како им се одмаздуваш, зашто Тебе Ти ја доверив својата парница.