Еремија 21:4-10 MKB

4 ‘Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Ќе го повлечам оружјето, што е во вашите раце, со кое се борите против вавилонскиот цар и Халдејците, кои што ве напаѓаат вон ѕидовите, и ќе го соберам среде овој град.

5 И Самиот ќе се борам против вас со испружена рака и со силна мишка, во расрденост и во гнев и во голема јарост.

6 И со страшен помор ќе ги удрам жителите на овој град, луѓето и животните, и ќе изумрат.

7 Потоа, говори Господ - ќе ги предадам: Седекија, јудејскиот цар, и неговите слуги и народот, и сите оние што останаа во тој град после поморот, мечот и гладот, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, во рацете на нивните непријатели и во рацете на оние кои што им работат спроти главата; тој ќе ги исече со острилото на мечот без сомилост, без милосрдие и без смилување.”‘

8 А на овој народ речи му: ‘Господ зборува вака: „Еве ги ставам пред вас патот на животот и патот на смртта.

9 Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч, глад и помор. А кој ќе излезе, та им се предаде на Халдејците кои ве опсадуваат, ќе го спаси животот - животот ќе му остане како плен.

10 Зашто, му го завртив Своето лице против овој град на зло, а не на добро - говори Господ - и ќе му биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган.”‘