Еремија 22:3-9 MKB

3 Господ зборува вака: „Правете правосудство и правда, избавете ги угнетуваните од рацете на угнетувачите! Не правете им неправда на странецот, на сирачето, на вдовицата, не ги угнетувајте, и не пролевајте невина крв на ова место.

4 Зашто ако се владеете вистински според овој збор, низ вратата на овој дворец ќе влегуваат царевите што седат на Давидовиот престол, што се возат во коли и што јаваат на коњи - тие, нивните слуги и нивниот народ.

5 Ако пак не ги послушате овие зборови, се заколнувам во Себе - говори Господ - дека тој дворец ќе го претворам во урнатина!”‘“

6 Зашто Господ зборува вака за дворецот на јудејскиот цар: „Ти си за Мене Галад, ливански врв. Но, навистина, ќе те претворам во пустина, во ненаселен град.

7 Ќе подготвам против тебе истребители, секого со неговото оружје, нека ги исечат твоите избрани кедри и нека ги фрлат во оган.

8 Многу народи ќе поминуваат покрај тој град и едниот ќе го праша другиот: ‘Зошто постапи Господ така со овој голем град?’

9 Ќе им одговорат: ‘Зашто го оставија Заветот на Господа, својот Бог, им се поклонуваа на други богови и им служеа.’”