Еремија 24:1-7 MKB

1 Господ ми покажа, и ете: две кошници смокви стоеја пред Господовиот Дом, откако Навуходоносор, вавилонскиот цар, ги одведе од Ерусалим и го заточи во Вавилон Јехониј, синот Јоакимов, јудејскиот цар, заедно со јудејските кнезови, со ковачите и браварите.

2 Во една кошница беа многу добри смокви, какви веќе се ранките смокви; а во втората беа расипани смокви, толку лоши што не можеа да се јадат.

3 И Господ ме праша: „Еремија, што гледаш?” А јас одговорив: „Смокви! Добрите се многу добри, а лошите се многу лоши - толку лоши што не се за јадење.”

4 И ми дојде Господово слово:

5 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Како на овие добри смокви, така ќе погледам милостиво на јудејските заточеници, кои од ова место ги протерав во Халдејската Земја.

6 И милостиво ќе ги насочам очите кон нив и ќе ги вратам во оваа земја. Повторно ќе ги подигнам и не ќе ги уништам веќе; пак ќе ги посадам и не ќе ги откорнам веќе.

7 И ќе им дадам срце за да Ме познаат дека Јас Сум Господ, за да бидат Мој народ, а Јас нивни Бог, зашто тие пак ќе се обратат кон Мене со сето свое срце.