Еремија 25:28-34 MKB

28 „Ако не би сакале да ја земат чашата од твојата рака, за да пијат, речи им: ‘Вака зборува Господ над Војските: „Треба да пиете!

29 Зашто, еве, Јас почнав да го казнувам градот што се вика со Моето Име. А зар вие да поминете без казна? Не, не ќе останете неказнети, зашто Самиот ќе го повикам мечот да удри на сите жители на земјата” - говори Господ над Војските.’

30 „И така, ти им ги пророкувај сите овие зборови и речи им: ‘Господ ќе викне силно од висината, грми со гласот на Своето свето живеалиште, вика со сиот глас против Своето пасиште, подвикнува како оние што газат грозје. До сите жители на земјата

31 достига воен вик - до крајот на светот - зашто Господ се парничи со народите, излегува на суд со секое тело, безбожниците ќе им ги предаде на меч - вели Господ.”

32 Господ над Војските зборува вака: „Еве, несреќата веќе зафаќа народ по народ; страшно невреме веќе се подига, од краиштата на земјата.

33 Во оној ден ќе бидат истепани од Господа од едниот крај на светот до другиот. По нив никој не ќе тажи, ниту некој ќе ги собере и погребе; ќе останат како гној по земјата.

34 Ридајте, пастири, и викајте, тркалајте се по правот, водичи на стадата, зашто ви се исполнија деновите за колење, ќе испаѓате како избрани овни.