3 „Од тринаесеттата година на Јосиј, синот Амонов, јудејскиот цар, сè до денешниот ден, на оваа дваесет и трета година, ми доаѓаше Господовото слово, и јас ви зборував еднакво, ама не ме слушавте.
4 И Господ исто еднакво ги праќаше кај вас Своите слуги, пророците, но вие не слушавте и не ги приклонивте своите уши за да чуете.
5 И ви зборуваа: ‘Вратете се секој од својот лош пат и од своите зли дела, и останете во земјата што Господ ви ја даде вам и на вашите татковци за сите времиња;
6 и не одете по туѓите богови, за да им служите и за да им се поклонувате; и не Ме разгневувајте со делата на своите раце, па нема ништо да ви сторам за жал.’
7 Ама не Ме послушавте - говори Господ - туку Ме разгневивте со делата на своите раце, за своја несреќа!
8 Затоа вака зборува Господ над Воинствата: ‘Затоа што не ги послушавте Моите зборови,
9 еве, Јас ќе ги испратам и ќе ги кренам сите народи од север - говори Господ - и Својот слуга Навуходоносор, вавилонскиот цар, и ќе ги доведам против оваа земја и против нејзините жители, и против сите околни народи; ќе ги истребам наполно и ќе ги направам за ужас и потсмев, вечна запустеност.