2 „Господ ми рече вака: ‘Направи си јажиња и јарем и стави си го на вратот.
3 Потоа порачај им на едомскиот цар, на моавскиот цар, на амонскиот цар, на тирскиот цар и на сидонскиот цар, по нивните пратеници кои дојдоа во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија.
4 Нареди им да им порачаат на своите господари: „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог! Порачајте им вака на своите господари:
5 ‘Јас, со Својата сèсилна сила и со испружената рака, ги создадов земјата, луѓето и животните на земјата. И Јас му го давам тоа кому што сакам.
6 И така, сега сите тие земји ги давам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, на Својот слуга; му ги давам и полските ѕверови, за да му служат.
7 И сите народи ќе им служат: нему и на неговиот син, и на синот на неговиот син, додека не чукне часот и за неговата земја, та силни народи и големи цареви не го покорат и него.
8 Ако некој народ, или царство, не сака да му служи на Навуходоносор, на вавилонскиот цар, не сакајќи да се впрегне во јаремот на вавилонскиот цар, тој народ ќе го казнам со меч, глад и помор - говори Господ - додека сосем не го затрам со неговата рака.