Еремија 28:5-11 MKB

5 Тогаш пророкот Еремија му одговори на пророкот Ананиј пред свештениците и пред сиот народ кои беа во Господовиот Дом.

6 Пророкот Еремија рече: „Амин! Господ да направи така! Господ да ги исполни зборовите што ги пророкуваше, и да ги врати таму сите садови од Господовиот Дом и сите заточеници од Вавилон.

7 Меѓутоа, чуј го и ова слово што ќе го кажам во твоите уши и во ушите на сиот народ.

8 Пророците што беа пред мене и пред тебе, им пророкуваа од памтивек на многу силни земји и големи цареви војна, глад, помор.

9 Но за пророкот што пророкува мир можеш да знаеш дека навистина го испратил Господ откако ќе се исполни неговиот пророчки збор.”

10 Тогаш пророкот Ананиј го симна јаремот од вратот на пророкот Еремија и го скрши.

11 И Ананиј рече пред сиот народ: „Господ зборува вака: ‘Еве, вака - за две години - ќе го скршам јаремот на Навуходоносор, вавилонскиот цар, од вратот на сите народи!’” Тогаш пророкот Еремија отиде по својот пат.