Еремија 29:14-20 MKB

14 И ќе оставам да Ме најдете - зборува Господ, ќе ја изменам вашата судбина и ќе ве соберам од сите места каде што ве истерав, зборува Господ. И ќе ве вратам во местото откаде ве одведов на заточение.

15 Навистина, вие велите: „Господ ни подигна пророци во Вавилон.”

16 Вака му зборува Господ на царот кој седи на Давидовиот престол, и на сиот народ што живее во овој град - на вашите браќа што не дојдоа со вас на заточение.

17 Вака зборува Господ над Војските: ‘Еве испраќам врз нив меч, глад и помор; ќе направам да бидат како расипани смокви, толку лоши што да не се за јадење.

18 И ќе ги гонам со меч, глад и помор, и ќе ги направам за ужас на сите земни царства, проклетство, страв, потсмев и срам за сите народи каде што ќе ги изгонам.

19 Зашто не ги послушаа Моите зборови - зборува Господ - иако им ги праќав постојано Своите слуги пророците, но тие не ги послушаа - говори Господ.

20 Но вие, заточениците, што ги испратив од Ерусалим во Вавилон, послушајте го сите Господовото слово!’