Еремија 3:18-24 MKB

18 Во оние денови Јудиниот дом ќе се сложува со Израелевиот дом; и заедно ќе тргнат од Северната Земја, во земјата што им ја дадов во наследство на вашите татковци.

19 А јас реков: ‘Како да те вбројам меѓу синовите и да ти ја дадам земјата на сласта, наследството, најубавиот бисер меѓу народите!’ Помислив: ‘Ти ќе ме викаш: „Татко мој!” и веќе не ќе отстапиш од Мене.’

20 Но како што жената го изневерува својот маж, така и вие Ме изневеривте Мене, Израелев дому - говори Господ.

21 Чуј! По високите голини се слуша плач, викање за помош на Израелевите деца, зашто свртија од својот пат. Го заборавија Господа, својот Бог.

22 Вратете се, синови, што се одвративте, ќе ги исцелам вашите одметништва!” - Еве, доаѓаме кај тебе, зашто Ти си Господ, нашиот Бог!

23 Навистина, измамливи се висовите, врева по ридовите. Навистина, во Господа, нашиот Бог, е Израелевото спасение!

24 Ваал го проголта трудот на нашите татковци уште од нашата младост: нивните овци и говеда, нивните ќерки и синови.