Еремија 31:31-37 MKB

31 Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе склучам Нов Завет со Израелевиот дом и со Јудиниот дом.

32 Не Завет каков што склучив со нивните татковци во денот кога ги зедов за рака за да ги изведам од Египетската Земја, Завет што тие го раскинаа иако Јас Сум нивни господар - говори Господ.

33 Туку, ова е Завет што ќе го склучам со Израелевиот дом по оние денови - говори Господ. Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце. И ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ.

34 И веќе не ќе го учи другарот другар ни братот брат, зборувајќи: ‘Познајте Го Господа!’ туку сите ќе Ме познаваат, и мало и големо, говори Господ - зашто ќе го простам нивното беззаконие и не ќе си спомнувам веќе за нивните гревови.”

35 Господ зборува вака: „Кој дава сонцето да свети дење, а месечината и ѕвездите ноќе, Кој го подига морето за да му бучат брановите - Името Му е Господ над Воинствата:

36 Ако некогаш се пореметат тие закони пред Мене - говори Господ - тогаш Израелевото потомство ќе прекрати да биде народ пред Моето лице довека!”

37 Господ зборува вака: „Ако можат да се измерат небесата горе, и да се истражат основите на земјата долу, тогаш и Јас ќе го отфрлам Израелевото потомство заради сè што направија - говори Господ.