Еремија 31:33-39 MKB

33 Туку, ова е Завет што ќе го склучам со Израелевиот дом по оние денови - говори Господ. Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце. И ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ.

34 И веќе не ќе го учи другарот другар ни братот брат, зборувајќи: ‘Познајте Го Господа!’ туку сите ќе Ме познаваат, и мало и големо, говори Господ - зашто ќе го простам нивното беззаконие и не ќе си спомнувам веќе за нивните гревови.”

35 Господ зборува вака: „Кој дава сонцето да свети дење, а месечината и ѕвездите ноќе, Кој го подига морето за да му бучат брановите - Името Му е Господ над Воинствата:

36 Ако некогаш се пореметат тие закони пред Мене - говори Господ - тогаш Израелевото потомство ќе прекрати да биде народ пред Моето лице довека!”

37 Господ зборува вака: „Ако можат да се измерат небесата горе, и да се истражат основите на земјата долу, тогаш и Јас ќе го отфрлам Израелевото потомство заради сè што направија - говори Господ.

38 Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога Господовиот град ќе биде пак соѕидан, од Ананеиловата Стражарница до Вратата на Аголот.

39 И уште натаму ќе се протегне јажето за мерење, право до ритчето Гарив, а тогаш ќе се сврти кон Гоат.