Еремија 31:8-14 MKB

8 Еве, Јас ги водам од Северната Земја, ги собирам од краиштата на земјата: со нив се слепите и хромите, бремените и родилките: големата заедница се враќа.

9 Еве, тргнаа со солзи, сега ги враќам утешени! ќе ги водам покрај поточните води, по рамен пат на кој не ќе се сопнуваат, зашто Јас Сум му татко на Израел, Ефрем е Мој првенец.

10 Чујте го, о народи, Господовото слово, објавете го ширум во далечните острови: ‘Оној што го распрсна Израел пак го собира и го чува како пастирот своето стадо!’

11 Зашто Господ го ослободи Јакова, го избави од рацете на посилниот од него.

12 И тие, воскликнувајќи радосно, на Сионскиот Врв, ќе се науживаат во Господовите добра: жито, масло, младо вино, јагниња и телиња; душата ќе им биде како навадена градина, никогаш веќе не ќе гинат.

13 Девојките ќе се веселат на танец, младо и старо заедно, зашто тагата ќе им ја претворам во радост, ќе ги утешам и ќе ги развеселам по жалоста.

14 Со мрсно ќе им го закрепнам свештенството и Својот народ ќе го наситам со добра” - говори Господ.