Еремија 36:14-20 MKB

14 Тогаш сите кнезови ги испратија Јудиј, синот Натаниин, и Селемиј, синот Хусиев, кај Варуха да му речат: „Земи го во раката книжниот свиток од кој што му читаше на народот и дојди!” Тогаш Варух, синот Нириин, го зеде книжниот свиток во раката и дојде кај нив.

15 Тие му рекоа: „Ајде, седни и прочитај ни.” И Варух им прочита.

16 Кога ги чуја сите оние зборови, се погледаа исплашено и му рекоа на Варуха: „Треба сè тоа да му го кажеме на царот.”

17 И го прашаа Варуха: „Ајде, објасни ни како ти ги напиша сите тие зборови.”

18 Варух им рече: „Еремија ми ги кажуваше сите тие зборови, а јас со црнило ги запишав во книжниот свиток.”

19 Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: „Оди, и скриј се, ти и Еремија; никој да не знае каде сте.”

20 И, откако го оставија книжниот свиток во дворницата на писарот Елисам, отидоа кај царот во преддворјето на дворецот и му раскажаа за сè.