Еремија 36:22-28 MKB

22 Царот седеше во зимскиот дворец - тоа беше во деветтиот месец - а пред него стоеше разгорена жар.

23 И кога Јудиј би прочитал три-четири столпчиња, царот ги пресекуваше со писарско пероножче, и ги фрлаше во огнот на жарта сè додека целиот книжен свиток не беше уништен во огнот на жарта.

24 Ни царот ни неговите слуги не се исплашија, ниту ги раскинаа облеките кога ги чуја тие зборови,

25 па сепак Елнатан, Делај и Гемариј го молеа царот да не го спалува книжниот свиток, ама тој не ги послуша.

26 Тогаш царот им заповеда на царевиот син Ерамеил и на Серај, синот Азрилов, и на Селемиј, синот Авдилов, да ги фатат писарот Варух и пророкот Еремија. Но Господ ги беше скрил.

27 И така, откако царот го изгоре книжниот свиток со зборовите што Варух ги имаше напишано според Еремииното кажување, му дојде Господовото слово на Еремија:

28 „Земи друг книжен свиток и запиши ги во него сите оние зборови што беа на првиот книжен свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре.