Еремија 36:23-29 MKB

23 И кога Јудиј би прочитал три-четири столпчиња, царот ги пресекуваше со писарско пероножче, и ги фрлаше во огнот на жарта сè додека целиот книжен свиток не беше уништен во огнот на жарта.

24 Ни царот ни неговите слуги не се исплашија, ниту ги раскинаа облеките кога ги чуја тие зборови,

25 па сепак Елнатан, Делај и Гемариј го молеа царот да не го спалува книжниот свиток, ама тој не ги послуша.

26 Тогаш царот им заповеда на царевиот син Ерамеил и на Серај, синот Азрилов, и на Селемиј, синот Авдилов, да ги фатат писарот Варух и пророкот Еремија. Но Господ ги беше скрил.

27 И така, откако царот го изгоре книжниот свиток со зборовите што Варух ги имаше напишано според Еремииното кажување, му дојде Господовото слово на Еремија:

28 „Земи друг книжен свиток и запиши ги во него сите оние зборови што беа на првиот книжен свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре.

29 А против Јоакима, јудејскиот цар речи вака: ‘Господ зборува вака: „Го изгоре книжниот свиток зборувајќи: ‘Зошто во него напиша дека ќе дојде вавилонскиот цар, кој ќе ја запусти оваа земја и ќе ги истреби луѓето и добитокот?’”