Еремија 38:13-19 MKB

13 Тогаш со јажињата го извлекоа Еремија од јамата. Оттогаш Еремија остана во темничкиот двор.

14 Царот Седекија испрати по пророкот Еремија, та го повика да дојде кај него на третиот влез што води во Господовиот Дом. Царот му рече на Еремија: „Сакам да те прашам нешто, немој ништо да ми затаиш!”

15 Еремија му одговори на Седекија: „Ако ти кажам, нема ли да ме погубиш? Ако пак те посоветувам, не ќе ме послушаш!”

16 Тогаш царот Седекија му се заколна во тајност на Еремија со овие зборови: „Живиот ми Господ, Кој ни го даде овој живот, не ќе те погубам и не ќе те предадам на оние што ти работат спроти главата.”

17 И така, Еремија му рече на Седекија: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако излезеш пред војсководачите на вавилонскиот цар, ќе ја спасиш главата, и овој град нема да биде уништен со оган; ќе живеете ти и твојот дом.

18 Ако пак не излезеш пред војсковотците на вавилонскиот цар, овој град ќе падне во рацете на Халдејците, и тие ќе го спалат, а ти не ќе се спасиш од нивните раце.’”

19 А царот Седекија му одговори на Еремија: „Се плашам од Јудејците кои пребегаа кај Халдејците: би можеле да ме предадат и мене во нивните раце за да ми се потсмеваат.”