Еремија 4:16-22 MKB

16 „Опоменете, разгласете по Јудеја, соопштете му на Ерусалим: непријателите доаѓаат од далечна земја и извикуваат извици против јудејските градови;

17 како полјаците го опкружуваат Ерусалим, зашто се одметнаа од Мене - говори Господ.

18 Твојот пат и твоите дела ти го направија тоа. Тоа е твојата несреќа! Како е горчлива, како ли удира во срцето!”

19 Моја утробо! Моја утробо, боледувам, срцето ми се раскинува! Душата ми трепери! Не можам да молчам, зашто го слушам гласот на рогот, бојните извици.

20 Соопштуваат гибел врз гибел, сета земја е ограбена, моите шатори се запустени одненадеж, во миг на окото сите мои засолништа се уништени.

21 До кога ќе ги гледам бојните знакови, ќе ги слушам повиците на роговите?

22 „Да, Мојот народ е безумен, не Ме познава, тие се неразумни деца, не сфаќаат ништо, мудри се за зли дела, но да прават добро не умеат.”