Еремија 40:2-8 MKB

2 И така, откако го оддвои, заповедникот на телесната стража му рече: „Господ, твојот Бог, му се закани со несреќа на ова место.

3 Изврши и направи како што се закани, зашто грешевте против Господа и не го слушавте Неговиот глас. Затоа и ве најде ова зло.

4 Еве, сега ги одврзувам оковите од твоите раце. Ако ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, тргни со мене, и моето око ќе бдее над тебе. Ако не ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, ти остани. Еве, целата земја е пред тебе: можеш да одиш каде што ти сака окото, каде што ќе ти биде добро.

5 И така, ако сакаш да останеш, можеш да појдеш кај Годолиј, синот Ахикамов, синот Сафанов, кого што вавилонскиот цар го постави над јудејските градови, и остани кај него среде народот, или пак можеш да одиш каде што ти е мило.” Потоа заповедникот на телесната стража му даде храна и подарок кон тоа и го отпушти.

6 Тогаш Еремија се запати во Миспа, кај Годолиј, синот Ахикамов, та остана кај него среде народот што остана во земјата.

7 Сите воени заповедници, и нивните луѓе наоколу, научија дека вавилонскиот цар и го постави на земјата за намесник Ахикамовиот син Годолиј та му ги доверил мажите, жените и децата и сиромасите, кои уште не беа одведени во вавилонско заточение.

8 И дојдоа пред Годолиј во Миспа: Нетаниовиот син Исмаило, Кариовиот син Јоанан; Тануметовиот син Серај, потоа синовите на Офиј Нетофаканецот, Махатиовиот син Езаниј, тие и нивните луѓе.