Еремија 44:12-18 MKB

12 Ќе го однесам остатокот на Јудеја кој одлучи да оди во Египетската Земја, за да се насели таму; сите ќе загинат во Египетската Земја, ќе паднат од меч, ќе гинат од глад, ќе загинат сите, мало и големо, ќе изумрат од меч и од глад, и ќе бидат проклетство, ужас, клетва и укор.

13 Ќе ги казнам сите што ќе бидат во Египетската Земја, како што го казнив Ерусалим: со меч, со глад и со помор.

14 А од остатокот на Јудеја што дојде да се настани во Египет, никој не ќе избега ниту ќе преживее, за да би можел да се врати во Јудејската Земја, по која им копнеат душите, за да се вратат во неа и за да се настанат таму. Зашто никој не ќе се врати, освен бегалците.’”

15 И тогаш сите мажи кои што знаеја дека жените им кадат на туѓи богови, и сите присутни жени, во големо мноштво, и сиот народ што живееше во Египетската Земја и во Патрос, му одговорија на Еремија:

16 „Зборовите што ни ги објави во Господово Име ние не ги слушаме;

17 спротивно, и натаму ќе го пазиме словото излезено од нашите усти: ќе и кадиме на небеската царица и ќе лееме налевници, како што и ние и нашите татковци, нашите цареви и нашите кнезови правеа во јудејските градови и по ерусалимските улици: тогаш имавме леб во изобилство, бевме среќни, и не трпевме никаква несреќа.

18 Но откако прекративме да и кадиме на небеската царица и да и лееме налевници, бевме скудни во сè, и гиневме од меч и од глад.”