Еремија 44:24-30 MKB

24 Потоа Еремија му рече на сиот народ, особено на жените: „Чујте го Господовото слово, сите Јудејци што сте во Египетската Земја:

25 Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Вие, и вашите жени, тоа што го зборувале вашите усти, тоа вашите раце и го правеле. Рековте: „Ќе ги исполниме нашите ветувања што ги ветивме: ќе и кадиме на небеската царица и ќе и лееме налевници.” Пазете ги само своите завети и лејте и налевници!’

26 Но затоа чујте го Господовото слово, сите вие Јудејци населени во Египетската Земја: ‘Еве, се заколнувам во Своето големо Име, зборува Господ. Во целата Египетска Земја ниту една јудејска уста не ќе го изговори веќе Моето Име: никој не ќе рече: „Живиот ми Господ!”

27 Еве, бдеам над нив, за несреќа, а не за нивно добро: сите луѓе што се во Египетската Земја ќе загинат од меч и од глад до потполно истребување.

28 И ќе бидат малку тие кои ќе му побегнат на мечот и ќе се вратат од Египетската Земја во Јудејската Земја. Тогаш сиот јудејски Остаток, сите кои што дојдоа во Египетската Земја за да живеат таму, ќе научат чиј збор е повреден, Мојот или нивниот.

29 А ова нека ви биде знак - говори Господ - дека ќе ве казнам на ова место, за да знаете дека, вам за погибел, ќе се исполнат Моите закани пред вас.’

30 Вака зборува Господ: ‘Ете, ќе го предадам фараонот Вафриј, египетскиот цар, во рацете на неговите непријатели и во рацете на оние што му работат спроти главата, токму како што го предадов Седекија, јудејскиот цар, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, неговиот непријател кој му работеше спроти главата.’”