2 „Објавете им на народите! Разгласете, не кријте, речете: ‘Вавилон е заземен! Вал е засрамен: Меродах е скршен! Засрамени се неговите кипови, здробени се неговите ликови.’
3 Зашто од север се дига против него народ што ќе му ја претвори земјата во пустина; никој веќе не ќе живее во неа, и луѓето и стоката ќе избегаат и ќе си отидат.
4 Во тие денови и во тоа време - говори Господ - ќе се вратат Израелевите синови, и Јудините синови заедно ќе одат плачејќи и барајќи Го Бога, својот Бог.
5 Ќе прашаат за патот кон Сион, натаму ќе го насочуваат погледот: ‘Дојдете, да се соединиме со Господа со вечен Завет незаборавлив!’
6 Мојот народ беше како изгубени овци, пастирите ги заведоа, та заскитаа по ридовите: одеа од горите на ритчињата, заборавија каде им се кошарите.
7 Кој ги наоѓа, ги голтнува, нивните непријатели зборуваа: ‘Ние не сме виновни, зашто Му згрешија на Господа, на пасиштето на правдата, на Господа, на надежта на своите татковци!’
8 Бегајте од Вавилон! Излезете од Халдејската Земја! Бидете како овни пред стадото.